Мета повлече АИ алатка по критиките за нарушување на приватноста на корисниците

Компанијата Мета нагло ја повлече новата функција која им овозможуваше на корисниците со помош на вештачка интелигенција (АИ) да создаваат лажни слики користејќи содржини од профили на Инстаграм.

Функцијата беше дел од алатката Мјуз имиџ, која Мета ја претстави во вторникот. Таа му овозможуваше на АИ четботот да користи фотографии и содржини од јавни профили за создавање нови слики.

Одлуката за повлекување следува по силни критики поврзани со заштитата на приватноста. Од компанијата признаа дека со начинот на кој функцијата била воведена „ја промашиле целта“.

Корисниците биле автоматски вклучени

Најголем проблем предизвикала одлуката корисниците со јавни профили на Инстаграм автоматски да бидат вклучени во функцијата.

Тоа значело дека ликот на која било личност со јавен профил можел да биде искористен за создавање нови слики без нејзино знаење или согласност.

Холивудскиот синдикат Саг-Афрта ја поздрави одлуката на Мета, нарекувајќи ја „победа“. Претходно, организацијата ги повика своите членови и корисниците на Инстаграм да преземат мерки за заштита на својот лик, оценувајќи дека станува збор за „целосно погрешна проценка на јавното расположение за очигледните опасности и штети што таквата употреба ги носи“.

Лондонската организација за човекови права Прајваси интернешнл исто така ја критикуваше функцијата, оценувајќи дека таа е уште еден знак дека компаниите кои развиваат вештачка интелигенција ги гледаат фотографиите и податоците на луѓето како суровина за користење.

Мета: „Ги слушнавме повратните информации“

Од Мета соопштија дека целта била да се создаде корисна креативна алатка и на корисниците да им се даде контрола врз тоа дали нивните јавни содржини можат да се користат на овој начин.

„Нашата намера беше да обезбедиме корисна креативна алатка и да им дадеме на луѓето контрола врз тоа дали нивната јавна содржина може да биде користена како референца. Ги слушнавме повратните информации“, соопшти Мета.

При претставувањето на Мјуз имиџ, компанијата наведе дека алатката првично ќе биде достапна само на Инстаграм, но дека се планирани дополнителни АИ функции и интеграции за Ватсап, Фејсбук и Месинџер.

Мета исто така развива и АИ алатка за создавање видеа.

Scroll to Top