Струкот со текот на годините може да се проширува дури и кога бројката на вагата не се менува значително. Ново научно истражување покажува дека причината не се само исхраната и недоволната физичка активност, туку и промени што се случуваат во самите клетки на организмот.
Прашањето зошто масните наслаги со стареењето сè почесто се концентрираат во пределот на стомакот долго време ги интересира научниците. Ново истражување на американскиот институт „City of Hope“ нуди можно објаснување за овој процес.
Научниците откриле дека клучна улога имаат специфични матични клетки кои се активираат со стареењето и го поттикнуваат создавањето нови масни клетки, особено во пределот на стомакот.
Резултатите од истражувањето се објавени во угледното научно списание „Science“, а научниците предупредуваат дека таложењето масно ткиво во пределот на стомакот не претставува само естетски проблем.
Истражувањата покажуваат дека зголеменото количество масно ткиво во овој дел од телото е поврзано со поголем ризик од дијабетес тип 2, кардиоваскуларни заболувања, забавување на метаболизмот и забрзани процеси на стареење.
Сепак, досега не беше целосно јасно зошто со возраста мастите имаат тенденција да се концентрираат токму во пределот на стомакот.
Телото со годините почнува да создава нови масни клетки
Новото истражување ги доведува во прашање досегашните претпоставки дека ширењето на струкот главно е резултат на зголемување на веќе постојните масни клетки.
Научниците утврдиле дека со стареењето организмот почнува да создава голем број нови масни клетки. Во центарот на овој процес се таканаречените адипоцитни прогениторски клетки, познати како APC.
Експериментите спроведени врз глувци покажале дека APC-клетките земени од постари единки, кога биле пренесени во млад организам, создавале значително повеќе нови масни клетки отколку младите клетки пренесени во постар организам.
Според научниците, ова укажува дека зголемената способност за создавање масно ткиво е карактеристика на самите клетки, а не само последица на средината во организмот.
„Додека повеќето возрасни матични клетки со текот на годините ја губат способноста за раст, кај APC-клетките се случува спротивното. Стареењето ги активира овие клетки и ги зголемува нивните способности“, изјави Адолфо Гарсија-Окања, раководител на Одделот за молекуларна и клеточна ендокринологија во институтот „City of Hope“.
„Ова е прв доказ дека нашите стомаци се зголемуваат со возраста поради засилено создавање нови масни клетки посредувано од APC-клетките“, додаде тој.
Откриен нов тип клетки поврзан со таложењето масти
Дополнителната анализа открила уште еден важен елемент во процесот.
Со примена на секвенционирање на РНК на поединечни клетки, научниците идентификувале нов тип клетки наречен CP-A. Според истражувањето, овие клетки се појавуваат исклучиво во средната животна доба и имаат исклучително голема способност за создавање нови масни клетки.
Наодите не се ограничени само на експериментите врз животни.
Анализата на човечко ткиво покажала присуство на клетки многу слични на CP-A типот. Тие биле забележани во поголем број кај лица на средна возраст и, исто така, покажале изразена способност за создавање нови масни клетки.
„Нашите резултати ја нагласуваат важноста на контролирањето на создавањето нови масни клетки во борбата против дебелината поврзана со стареењето“, истакна Ќионг Анбел Ванг, една од авторките на студијата.
Според неа, подоброто разбирање на улогата на CP-A клетките и механизмите преку кои тие се создаваат би можело во иднина да отвори пат за развој на нови терапии насочени кон намалување на масното ткиво во пределот на стомакот и подобрување на општото здравје.
Научниците ќе бараат начин за блокирање на овие клетки
Истражувачите планираат дополнителни испитувања за подетално да го следат однесувањето на CP-A клетките и да ја утврдат нивната точна улога во човечкиот организам.
Една од целите е развој на методи со кои овие клетки би можеле да се блокираат или отстранат, со што потенцијално би се намалило создавањето нови масни клетки во пределот на стомакот.
Први автори на студијата се Гуан Ванг од институтот „City of Hope“ и Гаојан Ли од Универзитетот UCLA.
Научниците сметаат дека новите сознанија би можеле значително да го променат разбирањето на начинот на кој телото го складира масното ткиво со стареењето и во иднина да придонесат за развој на нови пристапи во борбата против дебелината поврзана со возраста.






