Основниот кривичен суд Скопје бележи значајни резултати во намалувањето на старите предмети, унапредувањето на ефикасноста и јакнењето на транспарентноста, покажуваат податоците презентирани во второто издание на електронскиот весник на Судот.
Најзначајниот показател е намалувањето на бројот на старите предмети (предмети постари од две години) за 53 проценти во период од една година. На 30 јуни 2025 година Судот евидентирал 873 стари предмети, додека на 30 јуни 2026 година нивниот број е намален на 410, односно решени се 463 стари предмети.

Во делот на работата на Специјализираното судско одделение за организиран криминал и корупција, статистиката покажува зголемена динамика на постапувањето во вториот квартал од 2026 година во споредба со првиот квартал:
- поднесените предлози за притвор се зголемени од 36 на 46;
- издадените наредби за претрес се зголемени од 80 на 110;
- мерките за обезбедување имот се зголемени од 20 на 51;
- предлог-спогодбите се зголемени од 4 на 20.
Податоците истовремено покажуваат и поголема примена на алтернативни мерки за обезбедување присуство во постапката. Во вториот квартал, Кривичниот совет уважил 8 од 10 предлози за определување гаранција (80%), наспроти 3 од 13 предлози (23%) во првиот квартал, што укажува на почеста примена на гаранцијата кога се исполнети законските услови.
Во е-весникот се презентирани и трендовите во примената на пробациските мерки. Од само 4,8 проценти учество во условните осуди во 2017 година, нивната примена достигнала 93,6 проценти во 2025 година, што претставува значително јакнење на современите механизми за ресоцијализација и индивидуализација на казнената политика.
Покрај статистичките показатели, Судот објавува и анализи на актуелната судска практика со цел унапредување на правната сигурност и јавната информираност. Во ова издание се обработени прашања поврзани со заштитата на жртвите од семејно насилство, примената на пробацијата, гаранцијата како алтернатива на притворот, кривичното дело „трговија со дете“ во контекст на незаконско посвојување, како и првата правосилна пресуда во која е анализирана доказната вредност на комуникацијата преку платформата SKY ECC.

Во своето обраќање, претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, истакнува дека довербата во судството се гради преку професионалност, ефикасност и транспарентност, нагласувајќи дека Судот ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните, со доследно почитување на владеењето на правото, независноста на судската власт и еднаквиот пристап до правдата за сите.
Со објавувањето на вакви статистички показатели, анализи и судска практика, Основниот кривичен суд Скопје продолжува да ја зајакнува транспарентноста на своето работење и да овозможува јавноста непосредно да се запознае со резултатите, активностите и развојот на судската практика.






