Аријана Гранде повторно во прегратките на поранешното момче? Итан Слејтер за врската дознал од заеднички пријатели

Американската поп-ѕвезда Аријана Гранде повторно е во центарот на вниманието, откако странските медиуми објавија дека ја обновила романсата со своето поранешно момче Рики Алварез. Според пишувањата, нејзиниот поранешен партнер Итан Слејтер за тоа не дознал директно од неа, туку преку нивни заеднички пријатели.

Извор за „Daily Mail“ тврди дека Аријана не разговарала лично со Слејтер за новата врска, но информацијата брзо стигнала до него преку луѓе од нивниот заеднички круг.

„Аријана не му кажа лично на Итан, но нивните заеднички пријатели му кажаа дека повторно е во врска со Рики“, изјавил изворот.

Според истиот медиум, Гранде и Алварез никогаш целосно не го прекинале контактот по раскинувањето. Тие останале поврзани поради заедничките пријатели, но изворите нагласуваат дека пејачката никогаш не ја преминала границата додека била во врска со Итан Слејтер.

„За неа беше важно да останат во контакт бидејќи имаат заеднички пријатели, но додека беше со Итан никогаш немаше ништо повеќе од тоа“, тврди еден од изворите.

Во меѓувреме, Рики Алварез, наводно, е пресреќен што повторно е дел од нејзиниот живот и гледа можност нивната љубовна приказна овојпат да има поинаков тек.

Друг извор тврди дека поранешниот пар не се враќа едноставно таму каде што застанал пред десетина години, туку се обидува да ја изгради врската на нови основи.

„Тие отворено разговараат за грешките од минатото и свесно се трудат да не ги повторат. На врската ѝ пристапуваат многу позрело и со подобро разбирање еден за друг“, наведува изворот.

Шпекулациите за обновената романса започнаа кон крајот на јуни, кога Аријана и Рики беа забележани заедно со пријатели во ресторан во Остин, Тексас, по повод нејзиниот роденден.

Неколку дена подоцна повторно беа фотографирани заедно за време на празничниот викенд по повод Денот на независноста на САД, додека пазаруваа во супермаркет „Whole Foods“ во Бока Ратон, Флорида – родниот град на пејачката.

Дополнителни сомнежи кај обожавателите предизвика и измената на стихот од нејзиниот голем хит „Thank U, Next“ за време на концерт од турнејата „Eternal Sunshine“.

Во оригиналната верзија Гранде пее: „Wrote some songs about Ricky / Now I listen and laugh“ („Напишав неколку песни за Рики, сега ги слушам и се смеам“).

Но, на концертот одржан на 13 јули во арената „Barclays Center“ во Бруклин, наместо оригиналниот стих, таа отпеа: „Wrote some songs about Ricky / We always find our way back“ („Напишав неколку песни за Рики, ние секогаш си го наоѓаме патот еден до друг“), што дополнително ги поттикна гласините за нивното повторно зближување.

Веста за обновената романса доаѓа само неколку недели по потврдата дека Аријана Гранде и актерот Итан Слејтер ставиле крај на тригодишната врска.

На 6 јуни беше објавено дека двајцата тивко раскинале неколку месеци претходно, но останале во добри односи.

„Аријана и Итан раскинаа пред неколку месеци, но останаа пријатели и меѓусебно се почитуваат. Не беше лесна одлука, но сфатија дека подобро функционираат како пријатели отколку како љубовен пар“, изјави тогаш извор близок до двајцата.

Во истиот период беше наведено и дека пејачката е целосно посветена на турнејата „Eternal Sunshine“, како и на подготовките за објавување на новиот албум „Petal“.

Засега ниту Аријана Гранде, ниту Итан Слејтер јавно не ги коментираа најновите информации за наводното обновување на нејзината врска со Рики Алварез.

Scroll to Top