Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, упати повик до граѓаните, институциите и компаниите да се вклучат во хуманитарната акција за донирање флаширана вода за пиење за жителите на Гостивар, кои се соочуваат со проблем со неисправна вода за пиење.
Проданоски порача дека во овие тешки моменти е потребна солидарност и поддршка од сите, а Прилеп има можност уште еднаш да ја покаже својата хуманост.
„Ги повикувам сите граѓани, институции и компании, во рамките на своите можности, во вторник (21 јули) и среда (22 јули), да донирате флаширана вода за пиење“, посочи Проданоски.
Собирниот пункт за донациите е поставен на Камената бина на плоштадот „Александрија“, каде граѓаните ќе можат да ја достават својата помош.
„Секое донирано шише вода е значајна помош и директна поддршка за семејствата од Гостивар кои во моментов се соочуваат со оваа состојба“, нагласи градоначалникот.
Проданоски упати порака дека Прилеп секогаш знае да покаже солидарност и да помогне кога е најпотребно, повикувајќи на заедничко дејствување во знак на поддршка кон сограѓаните од Гостивар.






