Прилеп му оддаде почит на Ченто: Одбележана годишнината од смртта на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ

Општина Прилеп денеска оддаде почит на Методија Андонов-Ченто, еден од најзначајните македонски историски личности и прв претседател на Президиумот на АСНОМ, по повод 69-годишнината од неговата смрт.

Пред споменикот на Ченто во центарот на Прилеп, свежо цвеќе положија претставници на семејството Андонов-Ченто, Општина Прилеп, Советот на Општината, политички партии, граѓански здруженија и Сојузот на борците, со што беше оддадена почит кон неговото дело и неговиот придонес во македонската историја.

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а како прв претседател на Президиумот на АСНОМ има значајна улога во создавањето на темелите на современата македонска државност.

 

Од Општина Прилеп посочуваат дека неговата посветеност, визија и борба за идеалите на слободата и достоинството остануваат траен пример за идните генерации. И покрај политичките прогони и неправедната пресуда со која бил соочен, Ченто подоцна беше рехабилитиран во независна Македонија и постхумно одликуван со највисокото државно признание – „Орден на Република Македонија“.

На денешното одбележување беше истакнато дека неговите пораки и денес претставуваат симбол на истрајност, слободољубие и почит кон државотворните идеали.

„Неговото име и дело остануваат дел од колективната меморија на Прилеп и Македонија“, порачаа од Општина Прилеп, оддавајќи вечна слава и почит кон Методија Андонов-Ченто.

Scroll to Top