Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска учествуваше и се обрати на завршниот мултипликативен настан во рамките на Еразмус+ проектот „GivEUvoice – Materializing Youth Voices Across European Spaces“, посветен на зајакнување на учеството на младите во процесите на донесување одлуки.

Проектот, финансиран од Европската Унија преку програмата Еразмус+, има цел да го поттикне активното учество на младите, да ја унапреди соработката меѓу младите, граѓанските организации и локалните самоуправи, како и да придонесе за развој на младинските политики во периферните региони на Европа.
Во своето обраќање, Коњановски истакна дека младите се двигател на позитивните промени во општеството и ги охрабри да веруваат во своите идеи, да се поддржуваат меѓусебно и да не се откажуваат пред првите предизвици.

Тој нагласи дека во Општина Битола активно функционира Локалниот младински совет, кој ги следи процесите во локалната самоуправа и заедно со општината креира политики што ги засегаат младите. Дополнително, со поддршка на општината работи и Младинскиот центар, управуван од неколку невладини организации, кој нуди простор за едукација, информирање и активизам на младите.
Коњановски потсети и дека Општина Битола има потпишано меморандум за соработка со организацијата „СФЕРА Интернешнал“, со што дополнително се потврдува заложбата за унапредување на младинското учество и развојот на локалните младински политики.






