Стотици разговори со AI-четботот Claude се појавија на интернет: Објавени лични податоци, документи и приватни преписки

Стотици приватни разговори на корисници со вештачко-интелигентниот четбот Claude, развиен од компанијата Anthropic, извесен период биле јавно достапни преку интернет-пребарувачите, објави Би-Би-Си.

Според извештајот, Google и други пребарувачи индексирале разговори што корисниците самите ги споделиле преку функцијата за споделување. Иако Claude предупредува дека секој што ја поседува врската може да ја види содржината, не било доволно јасно истакнато дека тие разговори можат да се појават и во резултатите од пребарување на интернет.

Во меѓувреме, Anthropic презеде мерки и ја оневозможи индексацијата на ваквите разговори. Сепак, дел од содржините веќе биле архивирани од различни сервиси и продолжуваат да бидат достапни на интернет.

Во јавно достапните разговори, според извештајот, можеле да се пронајдат чувствителни лични и деловни информации, меѓу кои биографии со имиња, телефонски броеви и електронски адреси, приватни преписки, корпоративни документи, работни материјали и нацрт-проекти, како и документи поврзани со здравствениот сектор.

Од компанијата Anthropic соопштија дека корисниците самостојно одлучуваат дали ќе ја користат опцијата за јавно споделување на разговорите и предупредија дека секоја содржина што еднаш ќе стане јавна може да биде зачувана или архивирана од трети страни.

Од Google, пак, посочија дека сопствениците на веб-страниците располагаат со алатки преку кои можат да одлучат дали нивната содржина ќе биде индексирана од пребарувачите.

Ова не е прв случај на ваков безбедносен пропуст во индустријата за вештачка интелигенција. Минатата година и OpenAI се соочи со сличен проблем, кога дел од разговорите со ChatGPT беа достапни преку интернет-пребарувачите, а сличен инцидент беше забележан и кај AI-четботот Grok.

Случајот повторно ја отвори дебатата за приватноста на корисничките податоци и потребата од поголема внимателност при користење на функциите за споделување содржини во системите базирани на вештачка интелигенција.

Scroll to Top