Американската поп-ѕвезда Кети Пери остро реагираше откако нејзиниот светски хит „Firework“ беше искористен како музичка подлога во видео објавено на официјалниот профил на Белата куќа на „ТикТок“, во кое се прикажуваат воени напади врз ирански воен брод.
Видеото беше објавено на 23 јули, а во него се гледа проектил кој погодува воен брод, додека експлозиите се синхронизирани со делот од песната во кој Пери пее „boom, boom, boom“. Покрај снимката стоеше пораката: „Иран беше предупреден“.
За само неколку дена објавата собра повеќе од шест милиони прегледи, по што пејачката јавно се огласи на социјалната мрежа X и јасно стави до знаење дека никогаш не дала дозвола нејзината песна да биде искористена на таков начин.
„Длабоко сум згрозена и лута што песната ‘Firework’ беше употребена на профилот на Белата куќа на ‘ТикТок’ како музичка подлога за снимка од воени напади. Тоа не сум го одобрила, никој не побара дозвола од мене и на ниту еден начин не ја поддржувам таквата употреба на мојата музика“, напиша Пери.
Пејачката потсети дека „Firework“ е создадена како песна која треба да им даде надеж, сила и охрабрување на луѓето кои минуваат низ тешки периоди во животот.
„Оваа песна ја напишав како химна на надежта, закрепнувањето и внатрешната сила. Претворањето на пораката за самодоверба и охрабрување во музичка позадина за уништување и насилство е целосно спротивно на сè што претставува ‘Firework’. Мојата музика е создадена да ги поврзува луѓето, а не да го слави војувањето“, порача таа.
Кети Пери не е единствената музичка ѕвезда која јавно се спротивстави на користењето на своите песни во политички или владини видеа.
Претходно и Оливија Родриго реагираше кога нејзина песна беше употребена во видео со кое се промовираа депортации. Бијонсе, пак, успеа да го спречи тимот на Доналд Трамп понатаму да ја користи песната „Freedom“, која беше една од главните песни во претседателската кампања на Камала Харис во 2024 година.
Во март, Кеша ја осуди употребата на нејзината песна „Blow“ во видео на Белата куќа поврзано со воени напади, оценувајќи дека на тој начин се покажува непочитување кон човечките животи.
Слично реагираше и Сабрина Карпентер, откако нејзината песна „Juno“ беше искористена во видео со апсења што ги спроведуваа припадници на американската Служба за имиграција и царина (ICE).
Свое незадоволство јавно изразија и Аријана Гранде и Џес Глин, чии песни биле употребени во објави поврзани со апсења на мигранти и депортации. Гранде ваквата употреба ја нарече „варварска“, додека Глин изјави дека ѝ е мачно што нејзината музика се користи за ширење поделби и омраза.






