Нема да има втора свадба: Стилистот на Зендаја стави крај на шпекулациите за тајната венчавка со Том Холанд

Шпекулациите дека Зендаја и Том Холанд подготвуваат втора, јавна свадбена церемонија конечно добија одговор. Долгогодишниот стилист на актерката, Ло Роуч, категорично ги демантираше ваквите тврдења и порача дека парот нема намера повторно да го изговори судбоносното „да“.

Во интервју за „Complex“, дадено за време на премиерата на филмот „Spider-Man: Brand New Day“ во Лос Анџелес, Роуч изјави дека информациите за втора свадба не се точни.

„Не мислам дека ќе има такво нешто“, изјави тој.

Роуч, кој соработува со Зендаја уште од 2011 година, нагласи дека јавноста треба едноставно да им честита на младенците наместо да очекува нова свадбена прослава.

„Тоа се двајца млади, прекрасни и успешни луѓе кои се вљубени. Имаа приватна свадба и успеаја да ја задржат далеку од јавноста. Луѓето треба само да им честитаат. Ако ги почитувате нив или нивната работа, радувајте се што се заедно и што се среќни“, порача Роуч.

Кога новинар му кажал дека само неколку часа претходно на интернет се појавиле нови гласини за втора церемонија, стилистот кратко одговорил:

„Тоа дефинитивно не е вистина.“

Гласините за бракот започнаа уште во февруари годинава, кога Зендаја беше фотографирана со едноставен златен прстен на домалиот прст, наместо со свршеничкиот прстен со дијамант од пет карати.

Само еден месец подоцна, токму Ло Роуч ја изненади јавноста кога на црвениот тепих на доделувањето на наградите на Здружението на филмските актери (SAG Awards 2026) изјави дека парот веќе се венчал.

„Свадбата веќе се случи. Ја пропуштивте. Тоа е вистина“, рече тогаш Роуч.

И покрај тие изјави, Зендаја и Том Холанд досега не ја потврдија ниту ја демантираа венчавката.

Во април, актерката објасни дека нема намера јавно да зборува за својот приватен живот.

„Сакам некои работи да останат само наши – и мои и негови“, изјави таа, додавајќи дека не се обидуваат да се кријат од јавноста, туку едноставно сакаат да ја зачуваат својата приватност и среќа.

Минатата недела Зендаја уште еднаш индиректно ги поттикна гласините за брак. За време на промоцијата на „Spider-Man: Brand New Day“ во Мексико, еден обожавател ја праша дали би се омажила за него.

Актерката со насмевка му возврати:

„Предоцна си!“

Иако нивниот брак никогаш не беше официјално потврден од самите нив, најновата изјава на Ло Роуч практично стави крај на шпекулациите дека Зендаја и Том Холанд планираат уште една, јавна свадбена церемонија.

Scroll to Top