Популарната регионална пејачка Северина откри интересна приказна за создавањето на својата нова песна „Нисам крива ја“ („Безосеќајна“), признавајќи дека синглот за малку воопшто немало да биде снимен.
Новата песна, која официјално ќе биде објавена во петок, на 31 јули, речиси останала само пробна снимка, но една спонтана одлука целосно ги променила плановите.
Во објава на социјалните мрежи, Северина раскажа дека првично немала намера да работи на песната.
„Песната ‘Нисам крива ја’ (‘Безосеќајна’) всушност не требаше ни да биде снимена. Влегов во студио, ја испеав од прва и тоа беше сè. Само сакав да слушнам како ми стои и да си одам дома“, откри пејачката.
Но, набргу потоа ситуацијата целосно се променила.
Иако веќе биле договорени снимањата на видеоспотовите за две други песни, Северина во последен момент решила во проектот да додаде уште еден спот – токму за „Нисам крива ја“.
Одлуката била донесена помалку од пет дена пред почетокот на снимањето, што значело дека целиот тим морал експресно да ја организира продукцијата – од изборот на локација и подготовката на сценариото, до изработката на костими за дури 18 статисти, како и нејзината сценска гардероба.
„Сите рекоа ‘може’. Така, три дена по ред снимавме три спота, а токму овој, кој се подготвуваше само пет дена, го снимавме прв“, раскажа Северина.
Таа упати и голема благодарност до своите долгогодишни соработници и пријатели, нагласувајќи дека токму тие ја направиле реализацијата можна.
„Најголемата благодарност им припаѓа на моите прекрасни пријатели и соработници. Тоа се луѓе кои никогаш не велат ‘не можам’. Тие секогаш сакаат, можат и знаат. А кога работат, работат со срце, посветеност, професионално и со многу љубов. Ви благодарам за целата креативност, трпение, заедништво и уметност што ја создаваме заедно“, напиша таа.
Еден ден претходно Северина најави дека покрај „Нисам крива ја“ ќе објави уште две нови песни, шегувајќи се дека се наменети „за нас, диносаурусите, и за нашите потомци“.
Покрај „Нисам крива ја“ („Безосеќајна“), публиката ќе може да ги слушне и песните „Позови ме ти“ („Анксиозна“) и „Свирајте ми ‘Раѓај синове’“ („Совршена“), со што пејачката најавува ново музичко поглавје.






