Џорџ и Амал Клуни го евакуираа својот дом во Франција поради разорните пожари: „Не знаеме дали ќе преживее“

Холивудскиот актер Џорџ Клуни и неговата сопруга, адвокатката за човекови права Амал Клуни, беа принудени итно да го напуштат својот имот во француска Прованса поради големите шумски пожари кои беснеат низ јужна Европа. Со себе ги евакуирале и своите деветгодишни близнаци, Ела и Александер, додека неизвесноста околу судбината на нивниот дом останува голема.

Разорните пожари што ги зафатија Франција, Шпанија, Италија и Грција не ги поштедија ниту имотите на светските ѕвезди. Семејството Клуни, кое веќе подолго време живее во местото Брињол во Прованса, се најде на патот на огнената стихија, која во Франција зафати површина четирипати поголема од Париз.

Пред да го напуштат својот дом, Џорџ и Амал Клуни испратиле емотивно писмо до градоначалникот на Брињол, Дидие, во кое ја изразиле својата загриженост не само за сопствениот имот, туку и за целата локална заедница.

„Во овој момент немаме никаква претстава дали нашиот прекрасен дом ќе го преживее овој страшен период“, напишале Клуни, а содржината на писмото ја потврдил претставник на актерот.

Во пораката тие нагласиле дека се длабоко поврзани со местото во кое живеат.

„Се надеваме дека вие и жителите на нашиот град сте безбедни. Амал и јас сме посветени, без разлика што ќе се случи со нашето село, да останеме дел од оваа заедница и да помогнеме во нејзината обнова“, порачале тие.

На крајот од писмото додале: „Го сакаме Брињол и нашите пријатели кои живеат таму.“

Џорџ и Амал Клуни веќе извесно време најголемиот дел од годината престојуваат на својот имот во Франција, бидејќи сметале дека тоа е најдобрата средина за растење на нивните деца. Актерот во повеќе интервјуа истакнувал дека во Франција неговите близнаци можат да имаат нормално детство, далеку од папараците и холивудскиот начин на живот.

Клуни често зборувал дека ужива во мирниот живот во Прованса, возејќи трактор, дружејќи се со соседите и пријателите и поминувајќи време со семејството. Но, таа идилична секојдневица сега е прекината од катастрофалните пожари, кои принудија илјадници жители низ регионот да ги напуштат своите домови.

Семејството Клуни засега не знае каква ќе биде судбината на нивниот имот, додека пожарникарите продолжуваат со напорите да ја стават под контрола една од најголемите огнени стихии што ја погодија јужна Европа ова лето.

Scroll to Top