Калум Тарнер на жежок тест пред камерите: Едвај ги издржа лутите крилца – „Устата ми гори“

Британскиот актер Калум Тарнер се соочи со вистински тест на издржливост во популарната емисија „Hot Ones“, каде што гостите одговараат на прашања додека јадат пилешки крилца со сосови кои стануваат сè полути.

Тарнер, кој неодамна стапи во брак со Дуа Липа, на почетокот делуваше прилично самоуверено и без поголеми проблеми ги совладуваше првите крилца. Меѓутоа, како што сосовите стануваа пожестоки, така стануваше сè потешко да ја сокрие реакцијата.

Актерот се обидуваше да остане прибран и да го продолжи разговорот, но лутината постепено го земаше својот данок. Додека одговараше на прашањата на водителот Џон Тери и се обидуваше да дојде до здив, беше очигледно дека предизвикот станува сè потежок.

Најголемиот тест следуваше во завршницата, кога на ред дојде озлогласениот сос „The Last Dab“, најлутиот во емисијата.

Откако го проба сосот, Тарнер се обидуваше да ја задржи концентрацијата додека водителот му набројуваше филмски класици кои актерот требаше да ги оцени за само десет секунди. Неговото лице стануваше сè поцрвено, а меѓу кратките рецензии се обидуваше да земе воздух и да се справи со силното чувство на печење.

„Устата ми гори“, призна актерот додека се обидуваше да го издржи предизвикот до крај.

Се присети како како тинејџер влегол без билет на натпревар на Челси и Барселона

И покрај жешкиот предизвик, Тарнер успеа да сподели и интересна анегдота од своите тинејџерски години.

Актерот се присети на периодот кога имал само 13 или 14 години и заедно со својот најдобар пријател успеал да влезе без билет на стадион за да гледа натпревар меѓу Челси и Барселона.

Според неговото сеќавање, тие не биле единствените. Со нив имало уште околу 200 луѓе кои успеале да влезат без билети.

„Имаше толку многу луѓе кои влегоа без билет. Беше целосно лудило“, раскажа Тарнер.

Но, авантурата не завршила тука. Откако успеале да влезат и да го гледаат натпреварот, обезбедувањето ги забележало и ги исфрлило од стадионот.

Тоа, сепак, не ги спречило.

„Го гледаме натпреварот, а потоа нè исфрлија. И повторно влеговме“, се присети актерот.

Со гостувањето во „Hot Ones“, Калум Тарнер покажа дека може да остане расположен и да раскажува интересни приказни дури и кога предизвикот со екстремно лутите крилца очигледно го доведе до границата на неговата издржливост.

Scroll to Top