Брачен пар ја „победил“ лотаријата со математика: Освоиле повеќе од 26 милиони долари без да прекршат ниту едно правило

Американскиот брачен пар Џери и Марџ Селби успеал да заработи повеќе од 26 милиони долари играјќи лотарија, но нивната приказна нема никаква врска со неверојатна среќа или со еден добитен тикет. Клучот бил во математиката и во внимателното читање на правилата на играта.

Сè започнало во 2003 година, кога Џери забележал брошура за новата лотариска игра Winfall во американската сојузна држава Мичиген.

Бидејќи имал диплома по математика од Универзитетот Western Michigan, многу брзо забележал една необична карактеристика на играта која, според него, создавала математичка предност за играчите кои ќе купат доволно голем број тикети.

Станувало збор за таканаречениот „rolldown“.

Според правилата, доколку никој не го освоел главниот џекпот, парите наместо да продолжат да се акумулираат се распределувале меѓу добитниците од пониските категории. Тоа значело дека играчите кои ќе погодат три, четири или пет броеви можеле во одредени извлекувања да добијат значително поголеми награди од вообичаеното.

Џери сфатил дека ако се купи доволно голем број тикети токму во такво извлекување, очекуваната вкупна исплата математички може да биде повисока од вложената сума.

„За три минути ја открив посебната карактеристика на државната лотарија“, раскажал тој подоцна во емисијата „60 Minutes“ на CBS.

Првиот тест: вложил 3.600, добил 6.300 долари

Џери најпрво решил да ја тестира својата пресметка со релативно мала сума.

Купил лотариски тикети во вредност од 3.600 долари, а по извлекувањето вкупно добил 6.300 долари.

Потоа решил да вложи 8.000 долари и повторно постигнал резултат кој речиси му го удвоил вложениот износ.

Тогаш ѝ ја открил идејата на сопругата Марџ, велејќи ѝ дека практично ја „провалил“ лотаријата на Мичиген.

Марџ подоцна раскажала дека не била изненадена што нејзиниот сопруг успеал да ја пронајде математичката слабост во системот, туку дека двајцата биле зачудени што никој претходно не ја искористил на ист начин.

Од неколку илјади до стотици илјади долари

Откако увиделе дека пресметката функционира, брачниот пар почнал постепено да вложува сè поголеми суми.

Во одредени извлекувања купувале тикети вредни стотици илјади долари.

Основале и компанија под името G.S. Investment Strategies, а во целата операција вклучиле и пријатели и познаници.

Уделите во нивниот инвестициски клуб ги продавале по 500 долари.

До пролетта 2005 година клубот веќе имал 25 членови.

По 12 учества во специјалните извлекувања на Winfall, групата заедно заработила милиони долари.

Еден сопственик на локална продавница за алати кој бил дел од клубот подоцна изјавил дека благодарение на заработените пари успеал да им го плати образованието на своите деца – три да завршат факултет, а едно и правен факултет.

Мичиген ја укинал играта, но тие нашле нова можност

Државата Мичиген подоцна ја укинала играта Winfall, официјално поради недоволна продажба.

За Џери и Марџ, сепак, тоа не бил крајот.

Тие откриле дека во Масачусетс постои речиси идентична лотариска игра – Cash Winfall – која го имала истиот механизам на прераспределување на џекпотот.

Во следните шест години брачниот пар патувал околу 900 милји, односно приближно 1.450 километри, секогаш кога ќе се појавело извлекување кое математички им одговарало.

Купувале огромен број тикети, а потоа следувал и најнапорниот дел од работата.

Тикетите морале рачно да ги сортираат и проверуваат, па работеле и по десет часа дневно во период од десетина дена.

Но трудот се исплател.

Според нивните пресметки, стратегијата во одреден период им носела околу 4,2 милиони долари годишно.

Не биле единствените што ја откриле математичката шема

Во 2011 година „Boston Globe“ забележал дека на одредени продажни места се продаваат невообичаено големи количества тикети за Cash Winfall.

Наскоро се покажало дека Џери и Марџ не биле единствените кои ја откриле математиката зад играта.

Слична стратегија користела и група студенти по математика од престижниот Massachusetts Institute of Technology – MIT, кои исто така заработиле милиони долари.

Необично големите уплати го привлекле вниманието на властите.

Државниот благајник на крајот ја укинал играта, а била започната и истрага бидејќи постоеле сомневања дека зад огромните уплати и добивки можеби се крие корупција или организиран криминал.

„Навистина детално го истражувавме случајот, барајќи корупција“, изјавил поранешниот главен инспектор Грег Саливан за „60 Minutes“.

Но истрагата не открила незаконски активности.

Селби и останатите групи едноставно ги искористиле правилата на играта онака како што биле напишани.

Саливан подоцна изјавил дека бил „запрепастен“ од фактот што математички потковани играчи успеале сосема легално да пронајдат начин систематски да заработуваат од државната лотарија.

Повеќе од 26 милиони долари за девет години

Во период од околу девет години Џери и Марџ, според објавените податоци, преку својата стратегија оствариле повеќе од 26 милиони долари во лотариски добивки.

Парите не ги потрошиле само на луксуз.

Дел од заработката ја искористиле за реновирање на својот дом, но и за финансиска помош на семејството.

Помагале во школувањето на своите деца, 14 внуци и 10 правнуци.

Нивната приказна станала толку позната што во 2022 година била преточена и во филм.

Во комично-драмскиот филм „Jerry & Marge Go Large“, Џери го игра Брајан Кренстон, додека Марџ ја толкува Анет Бенинг.

Приказната на брачниот пар Селби на крајот стана еден од најпознатите примери дека понекогаш не е потребна неверојатна среќа за да се победи на лотарија – туку внимателно читање на правилата, дисциплина, огромен број тикети и, како што самите велат, „основна аритметика“.

Scroll to Top