МФ: Владата ги усвои измените на Законот за јавни набавки: Нов чекор кон потранспарентен и поефикасен систем

Владата го усвои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, со кој се воведуваат повеќе решенија насочени кон модернизација на системот, зголемување на транспарентноста, подобрување на конкуренцијата и поефикасно трошење на јавните средства.

Измените произлегуваат од искуствата стекнати во досегашната примена на Законот за јавни набавки, потребата од негово усогласување со актуелните економски услови, како и од реформските приоритети утврдени во Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.

Еден од клучните сегменти на предложените измени е реализацијата на обврските преземени во рамки на Реформската агенда. Во таа насока се предвидува дополнително унапредување на Електронскиот пазар на набавки од мала вредност, со цел зголемување на неговата употреба и поголема конкуренција меѓу економските оператори. Оваа мерка е дел од реформските активности предвидени за 2026 година.

Дополнително, се воведува задолжителна примена на критериумот „најдобар сооднос помеѓу цена и квалитет“ при изборот на најповолна понуда, што претставува една од клучните активности од Реформската агенда за 2027 година. Со ова се создаваат услови институциите да не ја избираат автоматски најниската цена, туку да ја оценуваат и вредноста, квалитетот и долгорочната оправданост на понудите.

Предложените измени предвидуваат и значително зајакнување на дигитализацијата на јавните набавки. Се прошируваат надлежностите на Бирото за јавни набавки во делот на користењето современи дигитални алатки и решенија, со цел поефикасно следење на постапките, препознавање ризици и спречување на можни злоупотреби и коруптивни практики. Воедно, се создава правна основа за воспоставување веб-сервиси и автоматска размена на податоци со други институции и релевантни субјекти.

Значајно место во предложените измени има и професионализацијата на кадарот кој работи во областа на јавните набавки. Наместо досегашниот модел на периодична ресертификација преку повторно полагање испит, се воведува систем на континуирано професионално усовршување. На тој начин службениците за јавни набавки ќе имаат можност постојано да ги надградуваат своите знаења и вештини во согласност со современите практики и европските стандарди.

Предложените законски решенија претставуваат дел од пошироките напори на Министерството за финансии за создавање модерен, транспарентен и ефикасен систем на јавни набавки, усогласен со европските стандарди и реформските приоритети на државата, со крајна цел обезбедување поголема вредност за јавните средства и подобри услуги за граѓаните.

Scroll to Top