ВЛЕН повторно ја повика ДУИ јавно да се произнесе за изјавите на Гезим Острени поврзани со Охридскиот рамковен договор, статусот на албанскиот јазик и улогата на Али Ахмети во процесите од 2001 година.
Од коалицијата велат дека по нивната вчерашна прес-конференција, на која биле посочени ставовите на Острени, од ДУИ сè уште нема одговор.
„Прашањето е многу едноставно: Дали Али Ахмети го негира Гезим Острени?“, прашуваат од ВЛЕН.
Според нив, молкот на ДУИ е особено значаен бидејќи станува збор за изјави на една од позначајните фигури од периодот на конфликтот во 2001 година и за прашања што директно се однесуваат на начинот на кој албанскиот јазик бил третиран во рамките на Охридскиот договор.
Од ВЛЕН ја обвинуваат ДУИ за лицемерие, тврдејќи дека партијата на Али Ахмети со години се повикувала на Охридскиот рамковен договор кога била соочувана со критики за своето политичко работење.
„Но овојпат Охридскиот договор ги стави во тесно и им ја затвори устата. Не поради она што го кажува ВЛЕН, туку поради она што го кажа Гезим Острени“, се наведува во реакцијата.
ВЛЕН се повикува на изјавите на Острени според кои, во периодот кога Али Ахмети имал клучна политичка улога, албанскиот јазик не бил внесен во Уставот со своето име.
Според толкувањето што го пренесува ВЛЕН, Острени изјавил дека дури многу години подоцна сфатил дека во уставната формулација не стои експлицитно „албански јазик“, туку се користи одредницата за јазик што го зборува заедница која сочинува повеќе од 20 проценти од населението.
„Ова не е тврдење на ВЛЕН. Ова го кажа Гезим Острени“, нагласуваат од коалицијата.
Оттаму бараат Али Ахмети јавно да објасни дали ги негира изјавите на Острени и, доколку смета дека тие не се точни, да посочи што конкретно е спорно во нив.
„Ако Али Ахмети го негира Гезим Острени, нека излезе јавно и нека каже каде не стои неговата изјава. Ако не го негира, тогаш нека им објасни на Албанците како од барањето за ‘албанско-македонска држава’, како што го опишува Острени, се стигнало до формулација во која албанскиот јазик не се споменува по име, туку преку процент“, велат од ВЛЕН.
Во завршницата на соопштението, коалицијата повторно бара директен одговор од ДУИ.
„ДУИ не може да молчи пред ова прашање. Албанците заслужуваат одговор: Дали го негира Гезим Острени – да или не?“, порачуваат од ВЛЕН.






