Американската актерка Сидни Свини е главното лице на првата национална рекламна кампања на платформата за спортски прогнози „Новиг“, насловена „Novig is Just Sports“.
Во едноминутното видео, 28-годишната ѕвезда на серијата „Еуфорија“ позира со различни спортски реквизити, меѓу кои фудбалски и кошаркарски топки и тениски рекет, додека носи долна облека со логото на компанијата.

„Сакаа шоу“, порачува Свини во рекламата, во која нагласува дека платформата е посветена исклучиво на спортот и дека на неа нема предвидувања поврзани со политика, војни или смртни случаи.

Актерката, покрај учеството во кампањата, стана и стратешки партнер и сопственик на удел во „Новиг“. Таа изјави дека целта била преку самоувереност, хумор и разигран пристап вниманието целосно да се насочи кон спортот.

Коосновачот и извршен директор на компанијата, Џејкоб Фортински, оцени дека Свини успеала да ја пренесе пораката на начин што тешко може да остане незабележан.

Кампањата била снимена во Австралија, каде што актерката во тој период работела на претстојната играна адаптација на „Gundam“ за „Нетфликс“.

Свини и претходно беше заштитно лице на големи рекламни кампањи. Во јули 2025 година таа се појави во реклама на „Американ игл“, која предизвика бројни реакции, но според компанијата стана нејзина најуспешна кампања дотогаш.







