Внуката на Грејс Кели се сврши по десетгодишна љубов: Александра од Хановер покажа спектакуларен жолт дијамант

Принцезата Александра од Хановер, внука на легендарната холивудска актерка и принцеза од Монако, Грејс Кели, се сврши со својот долгогодишен партнер Бен-Силвестер Штраутман по десет години врска.

Двајцата имаат по 27 години, а радосната вест Александра ја објави во петокот на Инстаграм, споделувајќи фотографии од запросувањето и од впечатливиот свршенички прстен со жолт дијамант.

„The marriage plot“, односно „Брачниот заплет“, напиша принцезата покрај објавата, додавајќи неколку емотикони со жолти срца.

На првата фотографија Александра е прегрната со својот иден сопруг, додека во преден план го покажува прстенот. На друга фотографија таа позира со својата омилена долгодлака женка од расата дакел, Елоиз, повторно истакнувајќи го скапоцениот камен.

Прстен со жолт дијамант од 4,8 карати

Посебно внимание привлече луксузниот свршенички прстен, дизајниран од „Антинори ди Санпјетро“.

Во неговиот центар се наоѓа жолт дијамант од категоријата „Fancy Yellow“, тежок 4,8 карати, кој лично го избрал Штраутман. Централниот камен е опкружен со два дијаманта во форма на трилион, а прстенот е изработен од комбинација на 18-каратно жолто и бело злато.

Објавата брзо предизвика голем број честитки. Меѓу оние кои јавно ѝ ја честитаа свршувачката беше Кити Спенсер, внука на принцезата Дијана.

Честитка испрати и Александра Леклер, сопругата на возачот во Формула 1, Шарл Леклер, придружувајќи ја пораката со црвени срца.

Засега не се објавени датумот и местото на венчавката.

Љубовна приказна што започнала во Монако

Бен-Силвестер Штраутман е роден во германската покраина Долна Саксонија, а како дете со своето семејство се преселил во Монако.

Тој и Александра растеле и се движеле во слични општествени и академски кругови во кнежевството. Нивната љубовна приказна започнала кога и двајцата биле тинејџери.

Заедно првпат биле забележани во јавноста кон крајот на 2016 година, а врската ја потврдиле во текот на следната година. Оттогаш, Штраутман редовно ја придружува принцезата на семејните прослави, кралските настани и познатите манифестации во Монако.

Двојката има и заедничка љубов кон спортот. Александра се занимавала со уметничко лизгање и го претставувала Монако на Европскиот младински олимписки фестивал во 2015 година.

Штраутман, пак, играл кошарка за репрезентацијата на Монако до 18 години. Двајцата во повеќе наврати биле фотографирани на големи спортски настани, меѓу кои Олимписките игри во Париз и трката за Големата награда на Монако.

Внука на холивудската икона Грејс Кели

Принцезата Александра е ќерка на принцезата Каролина од Монако, најстарото дете на Грејс Кели и принцот Рение Трети.

Каролина во 1999 година се омажи за принцот Ернст Август од Хановер, а Александра е нивното единствено заедничко дете, родено истата година.

Таа е и внука на актуелниот владетел на Монако, принцот Алберт Втори, помладиот брат на нејзината мајка. Александра моментално се наоѓа на 13. место во редот за наследување на монегашкиот престол.

Нејзината баба Грејс Кели се прослави како една од најголемите холивудски ѕвезди во педесеттите години од минатиот век. По бракот со принцот Рение Трети ја напушти актерската кариера и стана принцеза од Монако.

Грејс Кели има 11 внуци, меѓу кои Александра од Хановер, инфлуенсерката Камил Готлиб, модната икона Шарлот Казираги и актерката Џезмин Грејс Грималди. Таа почина во септември 1982 година.

Scroll to Top