Стела Партон, сестрата на починатата кантри-легенда Доли Партон, јавно го изрази своето разочарување од колегите од музичката индустрија, тврдејќи дека во изминатите две недели не добила ниту една лична порака со сочувство од познатите изведувачи што ги познава.
Во интервјуто за „CBS Mornings“, 77-годишната пејачка изјави дека по смртта на нејзината сестра не ѝ се јавил никој од музичките кругови во Нешвил.

„Не добив ниту едно сочувство од никого – од ниту еден изведувач што го познавам. Никој, ниту еден“, изјави Стела, нагласувајќи дека молкот од луѓето во кантри-индустријата особено ја погодил во периодот на семејна жалост.
Таа не откри на кои пејачи конкретно се однесува нејзината критика. Како можна причина ја посочи својата политичка активност и отворените ставови што редовно ги споделува на социјалните мрежи.
„Претпоставувам дека можеби причината е мојот политички активизам на социјалните мрежи. Не знам“, рече Стела.

За разлика од неа, Доли Партон во текот на својата кариера главно избегнуваше јавно да се определува за политички прашања. Стела ја опиша својата сестра како добра деловна жена, која свесно избирала да не ги открива политичките убедувања за да не ја дели публиката.
На прашањето дали двете сестри имале исти политички ставови, Стела одби да одговори.
„Нема да зборувам за тоа“, ѝ порача таа на водителката Гејл Кинг.
Доли и во претходните интервјуа велеше дека не сака јавно да ги соопштува своите политички мислења, бидејќи нејзината улога ја гледала во музиката и забавувањето на публиката. Во 2019 година објасни дека има пријатели и меѓу републиканците и меѓу демократите и дека не сака да биде вовлечена во политички пресметки.
Доли Партон почина на 25 август 2026 година, на 80-годишна возраст, по битка со рак што ја чуваше во приватност. Нејзината смрт предизвика голем број јавни реакции и пораки од музичари, политичари и светски институции.
Светската музичка сцена се прости од неа преку бројни објави, а во нејзина чест беа организирани и посебни одбележувања. Меу почестите се најдоа програмата на „Гранд ол опри“, порака од Бакингемската палата и голем број реакции од познати личности.
Изјавата на Стела, сепак, се однесува на отсуството на директно и лично сочувство до неа, а не на јавните почести што ѝ беа оддадени на Доли.
Кантри-иконата зад себе остави богато музичко и хуманитарно наследство. Покрај хитовите „Jolene“ и „I Will Always Love You“, Доли беше позната и по програмата „Imagination Library“, преку која со децении се обезбедуваа бесплатни книги за милиони деца.






