(ВИДЕО) Фрајбург го декласира Менхенгладбах, сигурни победи на Дортмунд и Ајнтрахт

Пет натпревари од третото коло во германската Бундеслига беа одиграни попладнево, а во нив беа забележани убедливи победи, пресврти и голема борба за бодови.

Фрајбург ја оствари најубедливата победа, декласирајќи ја Борусија Менхенгладбах со 5:0. Јаник Енгелхард и Игор Матановиќ постигнаа по два гола, додека Максимилијан Егштајн го постави конечниот резултат. Гостите останаа со фудбалер помалку во 52. минута, кога капитенот Тим Клајндинст заработи втор жолт картон. Со три победи во првите три кола, Фрајбург го оствари најдобриот почеток на една сезона во клупската историја.

Борусија Дортмунд ја продолжи победничката серија совладувајќи го новиот бундеслигаш Падерборн со 3:0. Фабио Силва го отвори резултатот уште во петтата минута, а Феликс Нмеча со два гола во завршницата ја потврди победата. Еден од неговите погодоци беше постигнат со атрактивни „ножички“. На Дортмунд му беа поништени и два гола на Серу Гираси поради офсајд.

Ајнтрахт Франкфурт славеше на гостувањето кај Мајнц со 3:1. Кан Узун беше двоен стрелец, а против својот поранешен клуб погоди и Џонатан Буркарт. Мајнц имаше можност да се врати во натпреварот, но голманот Ноа Атуболу го одбрани пеналот на Надијем Амири во 43. минута. Почесниот погодок за домаќините го постигна Филип Тиц во 89. минута.

Хофенхајм дојде до победа од 2:1 против Штутгарт по целосен пресврт. Херој на домашниот тим беше Адам Хложек, кој ги постигна двата погодоци. Максимилијан Мителштет привремено го врати Штутгарт во игра, но Хложек со својот втор гол во 68. минута ги обезбеди трите бода за Хофенхајм.

Без победник заврши натпреварот меѓу Аугсбург и Баер Леверкузен – 2:2. Кристијан Кофане ги доведе гостите во водство во 18. минута, по што Михаел Грегорич постигна два брзи гола во 50. и 55. минута за пресврт на Аугсбург.

Погодокот на Ибрахим Маза за Леверкузен беше поништен по интервенција на ВАР, но „фармацевтите“ сепак избегнаа пораз. Патрик Шик погоди со петица во 89. минута и му донесе бод на својот тим.

Scroll to Top