Научниците мислеа дека постои само една зелена анаконда. Генетиката покажа дека се две, а се разделиле пред 10 милиони години.
Длабоко во амазонската прашума во Еквадор, на територијата на народот Ваорани, научници открија нова врста анаконда долга дури 6 метри. До откритието дошло сосема случајно – додека учествувале во снимањето на документарната серија на National Geographic „Pole to Pole“ со актерот Вил Смит.
Она што на прв поглед изгледало како обична зелена анаконда, се покажало како сосема нова наука.
Северна vs. Јужна анаконда
Години наназад, сите зелени анаконди во Јужна Америка се сметаа за еден вид – Eunectes murinus.
Меѓутоа, деталната генетска анализа објавена во научното списание Diversity покажа нешто друго.
Примероците собрани во Еквадор не припаѓаат на истиот вид како оние од Бразил. Иако се речиси идентични по изглед, генетски се разликуваат за дури 5,5 отсто.
Новиот вид е именуван како северна зелена анаконда – Eunectes akayima, додека досега познатата доби име јужна зелена анаконда – Eunectes murinus.
Јужната живее во Бразил, Перу, Боливија и Француска Гвајана, додека северната е распространета во Еквадор, Колумбија, Венецуела, Тринидад, Гвајана и Суринам.
Научниците проценуваат дека еволутивната линија на двата вида се разделила пред речиси 10 милиони години.
Експедицијата ја предводел професорот Brian Fry од Универзитетот Квинсленд во Австралија, заедно со познатиот експерт за анаконди Jesús Rivas.
Целта на истражувањето првично не била да се бара нов вид. Тимот сакал да ги користи анакондите како индикатор-вид за штетата од нафтените излевања во Јасуни, Еквадор.
„Она што бевме таму да го направиме е да ги користиме анакондите како индикаторски вид за тоа каква штета прават нафтените излевања што го пустошат Јасуни во Еквадор, бидејќи екстракцијата на нафта е апсолутно надвор од контрола“, изјави Фрај.
Откритието, според авторите, е доказ колку малку всушност знаеме за Амазон. Дури и најголемата змија на светот, за која се мислеше дека е добро проучена, криела тајна видлива само преку ДНК.






