Ана и Игор Дурловски со најголемиот концерт досега во Македонија: „Завет“ со 100 музичари

Ана и Игор Дурловски на 6 декември 2026 година ќе одржат голем концерт во СЦ „Јане Сандански“, најавуваат од „Пасворд продукција“, која е организатор на настанот.

Под наслов „Завет – од светот до изворот“, двајцата македонски оперски уметници ќе настапат придружувани од 100 македонски музичари од големиот симфониски оркестар „Ајга“ и нивни пријатели.

Во текот на двочасовната концертна вечер, публиката ќе има можност да слушне спој од безвременски теми од филмската музика, ремек-дела од оперскиот репертоар и богатото македонско музичко наследство. Сите композиции ќе бидат изведени во целосно нови аранжмани.

Ана и Игор Дурловски премиерно ќе претстават дела преработени во соработка со аранжерот Сони Петровски. Музичката поддршка ќе ја обезбедат 100 музичари, под диригентската палка на Ана Спасовска.

На програмата ќе се најдат „Shallow“, „Parla più piano“ и „The Book of Love“, како и оперската класика „Кармина Бурана“. Концертното патување ќе продолжи со македонското музичко наследство, преку творештвото на легендарниот Тоде Новачевски, темата од „Трст виа Скопје“ и песната „Дејгиди луди млади години“.

„Завет“ ја претставува определбата на брачниот пар искуството стекнато на светските сцени да го врати и да го претстави пред домашната публика, но и македонскиот глас да продолжи да се слуша низ светот.

Концертот доаѓа како круна на нивната 30-годишна работа и на нивната љубов – еден кон друг и заедничката љубов кон Македонија. Организаторите го најавуваат како светски спектакл со македонски уметници на македонско тло и како еден од најзначајните музички настани на крајот од 2026 година.

Влезниците се пуштени во продажба преку MkTickets и нивната продажна мрежа.

Scroll to Top