Џастин Бибер ненадејно се појави во паркот Мекартур во Лос Анџелес, каде што одржа импровизиран мини-концерт и им подели храна, облека и други неопходни производи на бездомните лица.
Триесет и двегодишниот пејач во вторникот, на 22 септември, заедно со неколку музичари изведе повеќе песни од својата богата дискографија. Настапот не бил однапред најавен, па присутните биле изненадени кога меѓу нив се појавила светската музичка ѕвезда.

Извор близок до пејачот за „Page Six“ открил дека посетата не била организирана само за забава, туку произлегла од неговата желба да им помогне на луѓето кои живеат на улица.
„Џастин има огромно сочувство кон бездомната заедница во Лос Анџелес. Во паркот дојде за да обезбеди храна, облека, неопходни средства и надеж“, изјавил изворот.

Не е познато дали облеката што била поделена потекнувала од неговиот бренд „Skylrk“, од останати концертни производи или била купена специјално за оваа хуманитарна акција.
Даниел Ореа, управител на блиската пекарница „Annie’s Bakery Cafe“, изјавил дека видел како Бибер и неговите пријатели им делат мали хартиени кеси на бездомниците. Двајца членови од придружбата на пејачот, наводно, ги купиле сите свежо подготвени крофни од пекарницата и им ги поделиле на присутните.
Снимките од изненадувачкиот настап брзо се проширија на социјалните мрежи. На нив Бибер се гледа расположен, како пее и свири на кахон заедно со останатите музичари.
Пејачот одвоил време и за обожавателите, фотографирајќи се со нив, а на еден од присутните лично му го честитал роденденот.
Посетата на Мекартур парк следува по неодамнешната акција на локалните власти за уредување и расчистување на просторот, кој со години беше поврзуван со криминал, употреба на дрога и големо количество отпад.
Ова не е првпат Бибер да го посети овој дел од Лос Анџелес. Во 2021 година тој настапи во основното училиште „MacArthur Park Visual and Performing Arts“, каде што изведе две песни.
Канадската поп-ѕвезда и претходно учествувала во хуманитарни активности за помош на бездомните лица. Во 2020 година, во рамките на објавувањето на спотот за песната „Intentions“ со Квејво, Бибер соработуваше со „Alexandria House“ – привремено засолниште за жени и деца.
Во спотот беа претставени приказните на три жени кои се соочувале со тешки животни околности, а Бибер и Квејво им помогнале во остварувањето на нивните образовни и професионални цели. Пејачот тогаш го основа и фондот „Intentions Fund“, наменет за поддршка на засолништето и на семејствата што се соочуваат со бездомништво.






