Игор Џамбазов ја прими наградата „Васил Иљоски“: Догодина одам во пензија, но ќе бидам најактивниот пензионер

Актерот Игор Џамбазов, лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2026“ во Куманово, синоќа ја прими наградата „Васил Иљоски“ за особен придонес во театарската уметност во областа на комедијата.

Заблагодарувајќи се за признанието, Џамбазов рече дека за него претставува посебна чест да добие награда што го носи името на човек кого лично го познавал и кој бил близок пријател со неговиот дедо, актерот Петре Прличко.

„Васил Иљоски и дедо ми Петре беа големи другари. Седеа во Клубот на уметниците во Скопје, а јас присуствував на една од нивните последни средби. За жал, двајцата нѐ напуштија во период од само 15 дена во 1995 година. Имам прекрасни спомени од тој човек“, раскажа Џамбазов.

Тој потсети дека уште како петгодишно дете играл едно од децата на свадбата во „Чорбаџи Теодос“, додека подоцна, како веќе оформен актер, ја толкувал улогата на Бошко во Драмскиот театар во Скопје.

Со препознатливиот хумор, Џамбазов рече дека тоа било „некаде по Втората светска војна, пред 40 години“.

„Сè уште не се давам“

Актерот се присети и на зборовите на својот дедо Петре Прличко, кој знаел да каже дека кога некому ќе му доделат награда за животно дело, тоа значи дека неговата кариера е завршена.

Сепак, Џамбазов порача дека нема намера да се повлече од сцената, иако следната година ќе замине во пензија.

„Само јас сè уште не се давам. Другата година ќе одам во пензија и веројатно ќе бидам најактивниот пензионер во Македонија. Сè уште сум активен, сè уште ме држат нозете, сè уште ги сакам кумановци и знам дека и тие ме сакаат мене“, рече тој.

Џамбазов потсети дека во својата кариера настапувал со голем број познати актери од Куманово, меѓу кои Илија Струмениковски, Драгиша Димитриевски-Шипе, Живко Пешевски, Љубица Гојковиќ, Сашко Коцев и Тони Михајловски.

Паричниот дел од наградата ќе го донира за лекување девојче

Средствата што ги доби со наградата Џамбазов ќе ги донира за помош на девојче од Куманово кое се соочува со здравствени проблеми и треба да замине на лекување во странство.

Со овој хуман гест актерот на признанието му даде дополнително значење, насочувајќи ја наградата кон семејство на кое му е потребна поддршка.

„Смрт на погреб“ го отвори фестивалот

На отворањето на „Денови на комедија 2026“ премиерно беше изведена претставата „Смрт на погреб“, во режија на Ненад Витанов и продукција на Кумановскиот театар.

Црната комедија ја насмеа публиката до солзи и беше наградена со голем аплауз. Претставата се одликува со брзо темпо, многу хумор и бројна актерска екипа.

Во неа настапуваат Жарко Јовановиќ, Марко Трајковиќ, Александра Михајловска Величковски, Владо Дојчиновски, Дубравка Киселички, Горан Илиќ, Давид Илиќ, Анастасија Трајковиќ, Никица Јанковски и Мирослав Петковиќ.

Режисерот Ненад Витанов рече дека е задоволен што претставата го отворила фестивалот и што реакциите на публиката биле одлични.

„Идејата беше да создадеме брза и динамична комедија која обработува момент што е составен дел од животот и еден ден ќе нѐ пречека сите. Го прикажуваме низ духовит поглед кон животот, покажувајќи дека и во најтрагичните моменти може да има нешто смешно. Тоа го изнесовме на сцената и сум задоволен“, изјави Витанов.

Богата фестивалска програма

Фестивалската програма продолжува со претставата „39 степеника“ на Народното позориште од Источно Сараево, по што ќе следува „Болва в уво“ на Драмскиот театар од Скопје.

На програмата се и:

  • „Покондирена тиква“ на Народното позориште од Приштина;
  • „Кљукана династија“ на Народното позориште од Ниш;
  • „Кревет за двајца“ на Сатиричниот театар од Софија;
  • „Сладолед за жени“ на Штипскиот театар;
  • „Првиот господин“ на Албанскиот театар од Скопје;
  • „Аматери“ на Театар Комедија;
  • „Секстет“ на Битолскиот театар.

Сите претстави ќе се изведуваат на големата сцена во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, со почеток во 20 часот.

Scroll to Top