Жизел Бундхен му напишала писмо на тогашниот сопруг Том Брејди во кое побарала да биде поприсутен дома и повеќе да учествува во грижата за децата, тврди авторот Ларс Андерсон во новата книга „Brady: An American Story and the Price of Greatness“. Според извадок од книгата, писмото било напишано по Супербоулот во 2018 година, кога тимот на Брејди, Њу Ингланд патриотс, загубил од Филаделфија иглс.
Андерсон пишува дека Бундхен му укажала на Брејди оти нивниот брак не функционира и дека ѝ недостигаат неговото време и внимание. Според авторот, таа сакала тој да биде навистина присутен кога е со семејството, наместо постојано да одговара на пораки или да размислува за натпреварите. Барала и поголема помош околу децата, можност повремено да се наспие и повеќе време за сопствената кариера.

Поранешен соиграч на Брејди, цитиран во книгата, тврди дека Бундхен била уморна од тоа семејниот живот да се организира според фудбалскиот распоред на сопругот. Андерсон наведува дека двојката посетувала и брачно советување. Според неговите тврдења, Брејди го зачувал писмото и повремено повторно го читал. Овие детали за нивниот приватен живот засега не се потврдени од Бундхен и Брејди; нивните претставници не одговориле на барањето за коментар за книгата.
Авторот наведува и дека Бундхен, која се интересира за астрологија, во еден момент му кажала на Брејди дека не се компатибилни според нивните астролошки карти.

Бундхен и Брејди се разведоа во октомври 2022 година, по 13 години брак. Тие имаат две деца, Бенџамин и Вивијан. По разводот, Бундхен порача дека се оддалечиле еден од друг и дека му го посакува најдоброто на Брејди. Таа подоцна стапи во брак со инструкторот по џиуџицу Жоаким Валенте, со кого доби син.






