Шерон Стоун до Сидни Свини по спорната реклама: „Треба да преземе одговорност“

Шерон Стоун смета дека Сидни Свини треба да преземе одговорност за своето учество во рекламата за платформата за спортски обложувања „Новиг“, која предизвика остри реакции кај спортистки.

Во разговор за People, Стоун рече дека нејзина задача не е да ја осудува Свини за нејзините одлуки, туку да ги поддржи жените што постигнале врвни резултати во спортот. Според неа, женскиот спорт не треба да се омаловажува за да се привлече машко внимание кон обложувањето.

Во рекламата Свини се појавува речиси без облека, прикриена со спортски реквизити. Кампањата наиде на критики од повеќе спортистки, кои оценија дека повторно го става изгледот на жените пред нивните спортски достигнувања. Меѓу оние што јавно реагираа се пливачката Аријарне Титмус, ватерполистката Тили Кернс и боксерката Скај Николсон.

Свини не одговори директно на критиките, но на социјалните мрежи сподели постари фотографии на познати спортисти и спортистки од провокативни фотографирања, меѓу кои и Серена Вилијамс и Ронда Раузи. Од „Новиг“ соопштија дека ја поддржуваат женската спортска сцена и дека рекламата не била замислена како приказ на женскиот спорт.

Стоун и Свини соработуваа во третата сезона на серијата „Еуфорија“. Стоун претходно јавно ја поддржа помладата актерка за време на полемиката околу нејзината реклама за „Американ игл“.

Scroll to Top