По години во кои во уредувањето на домовите преовладуваа белата боја, неутралните тонови и едноставните линии, сè повеќе дизајнери се навраќаат на деталите од 1980-тите. Шарени плочки, дрвени акценти, украсни прекривки за кревет и подови од теракота повторно се појавуваат во современите ентериери.
Овојпат идејата не е домот целосно да изгледа како пред четири децении. Ретро деталите се користат поединечно, како начин на просторот да му се додадат топлина и личен печат. Дури и еден внимателно избран елемент може да го промени впечатокот за целата просторија.
Шарените плочки стануваат главен украс
Плочките во боја се еден од најзабележливите трендови што се враќаат. Наместо сите ѕидови и подови да бидат во ненаметливи нијанси, сопствениците сè почесто избираат плочки што привлекуваат внимание.
Дизајнерката Џесика Флејк забележува дека плочките во боја повторно станале популарни. Тие може да се постават само на еден дел од кујнскиот ѕид, во туш-просторот или на помала површина во бањата. Така бојата доаѓа до израз, а останатиот дел од просторијата може да остане едноставен.

Покрај боите, се враќа интересот и за различни текстури и форми. Ретро впечатокот не мора да доаѓа од силна нијанса: понекогаш се доволни интересно наредени плочки или релјефна површина.
Дрвото се враќа преку мали детали
Во домовите од 80-тите често можеше да се видат целосно усогласени дрвени гарнитури. Денес дрвото повторно е посакувано, но се користи послободно — како акцент што внесува топлина меѓу современите материјали.
Дрвени рачки на кујнски елементи, полица за книги во потемна нијанса или старински рамки за фотографии се едноставни примери. Според Флејк, особено се истакнуваат дрвените детали на мебелот, без разлика дали се дискретно вклопени или намерно нагласени.
Таквиот пристап овозможува да се задржи модерниот изглед на домот, а сепак просторот да делува попријатно и помалку еднолично.
Се враќаат и украсните прекривки под креветот
Текстилните прекривки што се спуштаат од работ на креветот беа чест детал во спалните соби во 80-тите и 90-тите. Тие го покриваат рамот и просторот под креветот, а денес повторно се користат за да внесат помек и поромантичен изглед.
Интересот за овој детаљ е поврзан со популарноста на ентериерите инспирирани од селските куќи и со желбата спалната соба да изгледа потопло. Прекривката може да биде еднобојна за посмирен изглед или со набори и дезен ако се сака поизразен ретро ефект.
За разлика од менувањето мебел, додавањето ваков текстилен елемент е мала промена што лесно може да се прилагоди на постојната соба.
Теракотата повторно влегува во кујните и ходниците
Подовите од теракота се уште еден пример за враќањето на природните материјали. Нивната земјена боја внесува топлина, а плочките денес се достапни во различни големини, форми и завршни обработки — од мазни до поизразено рустични.
Теракотата особено се вклопува во кујни и ходници, но може да се комбинира и со поедноставен мебел за да не изгледа просторот премногу старомодно. Во некои домови токму подот станува елементот околу кој се гради остатокот од ентериерот.
Заедничко за сите овие трендови е што не бараат целосно враќање во минатото. Шарена плочка, дрвена рачка или внимателно избран текстил можат да внесат карактер во современ дом, додека сопственикот одлучува колку носталгија сака да задржи.






