Прв академски час во Битола: Коњановски ги поздрави бруцошите и најави продолжување на летната универзитетска пракса во градот

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, денеска присуствуваа на првиот академски час на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ), со кој беше означен почетокот на новата академска година.

На свеченоста ги пречека деканот на ФИКТ, проф. д-р Благој Ристевски, а присуствуваше и ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Игор Неделковски.

Обраќајќи им се на бруцошите, Коњановски рече дека пред нив е важен период во кој, покрај знаењата и вештините, ќе изградат пријателства и професионални врски. Тој ги охрабри да ги користат можностите што им ги нудат амфитеатрите, кабинетите и лабораториите, како и поддршката од професорите и менторите.

Во рамките на настанот беше отворено и студентското катче на ФИКТ. Просторот е опремен преку волонтерска акција на МКЦ Битола во партнерство со факултетот, со поддршка од локалниот Совет за волонтерство на Општина Битола.

Коњановски денеска присуствуваше и на првиот академски час на Правниот факултет во Битола. Таму им се обрати на студентите заедно со деканката, проф. д-р Светлана Вељановска, и ректорот Неделковски, посакувајќи им успешна академска година и многу стекнато знаење.

Градоначалникот ја истакна соработката меѓу Општина Битола и УКЛО, особено програмата за летна универзитетска пракса. Според него, изминатото лето околу 40 студенти практично ги надградувале знаењата стекнати на факултет, работејќи во Општината, Советот и јавните претпријатија.

„Се надевам дека дел од вас во годините пред вас ќе ја искористат таа можност, да бидат дел од нашата администрација како практиканти, а по дипломирањето можеби и наши колеги“, им порача Коњановски на студентите на Правниот факултет.

Scroll to Top