„Битола, благодарам!“: Таневски им се заблагодари на навивачите по ремито со Црна Гора

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација до 21 година, Александар Таневски, упати порака до битолчани по натпреварот против Црна Гора на стадионот „Петар Милошевски“. Тој им се заблагодари на навивачите за поддршката од трибините и порача дека ја почувствувале нивната енергија.

„Битола, благодарам! Голема благодарност до градот Битола и до сите навивачи кои вчера беа на стадионот и ни ја дадоа својата огромна поддршка“, напиша Таневски.

Според селекторот, фудбалерите се обиделе да возвратат на поддршката со борба и желба на теренот. „Ја почувствувавме вашата енергија, вашата поддршка и верувам дека и вие ја почувствувавте нашата борба, желба и енергија на теренот. Битола уште еднаш покажа дека е вистински фудбалски град!“, порача тој.

Македонија и Црна Гора одиграа 1:1 на 1 октомври во Битола, во претпоследниот натпревар од квалификациите за Европското првенство. За Таневски ова беше официјално деби како селектор на младата репрезентација.

Тој најави дека при следното гостување на репрезентацијата во Битола, играчите ќе дадат сè од себе да ги израдуваат навивачите со победа.

„Благодарам, Битола! Благодарам, Македонија!“, ја заврши својата порака селекторот.

Младата репрезентација квалификацискиот циклус ќе го заврши на 5 октомври со гостување кај Шведска.

Scroll to Top