Божиновска на енергетски самит во Белград: Подобро поврзување за посигурно снабдување во регионот

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска учествува на Вториот министерски самит во Белград. На средбата со колегите од Србија, Грција и Бугарија се разговара за конкретни чекори за зајакнување на енергетската сигурност и отпорност на регионот.

Самитот е продолжение на дијалогот започнат во Атина, а според Божиновска, овојпат вниманието е насочено кон активности што ќе овозможат подобро поврзување на енергетските системи на четирите земји.

На дневен ред се Вертикалниот гасен коридор, пристапот до капацитетите за течен природен гас преку Александруполи, обезбедувањето различни извори и правци на снабдување, како и продлабочувањето на соработката во електроенергетскиот сектор.

Божиновска посочи дека Македонија активно учествува во овие процеси. Според неа, географската положба на земјата и инфраструктурните проекти што се развиваат отвораат можност Македонија да стане важна енергетска врска меѓу југот и северот на Европа.

За време на престојот во Белград, министерката треба да оствари и билатерална средба со бугарскиот министер за енергетика. Разговорот ќе биде посветен на натамошно продлабочување на соработката меѓу двете земји.

„Енергетската сигурност не завршува во нашите граници. Колку повеќе ги поврзуваме нашите системи, толку посигурен и поотпорен станува целиот регион“, порача Божиновска.

Scroll to Top