Божиновска се сретна со шведскиот амбасадор Солстром: Поддршка за форумот за енергетска дипломатија и посилна соработка

Првиот форум за енергетска дипломатија, развојот на обновливите извори и можностите за соработка во енергетската инфраструктура биле во фокусот на денешната средба меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и шведскиот амбасадор Ола Солстром.

На средбата било разговарано за форумот „Обновливи извори и жени во енергетиката“, кој ќе се одржи на 25 ноември во Скопје.

Настанот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации, Програмата за развој на ОН – УНДП и Економската комисија на ОН за Европа – УНЕЦЕ.

Амбасадорот Солстром ја истакнал поддршката од шведската амбасада за одржувањето на форумот. Според него, ваквите иницијативи се важни за забрзување на зелената транзиција, привлекување зелени инвестиции и зајакнување на улогата на жените во енергетскиот сектор и енергетската дипломатија.

Божиновска се заблагодарила за континуираната поддршка што Шведска ѝ ја дава на земјава преку размена на искуства и европски практики, како и преку поддршка на реформските процеси во енергетиката.

Соговорниците се осврнале и на билатералните односи и ја потврдиле заедничката заложба за нивно натамошно продлабочување.

Посебно внимание било посветено на можностите за соработка во стратешките инфраструктурни проекти, модернизацијата на енергетската мрежа и развојот на капацитетите за обновливи извори на енергија.

Од Министерството посочуваат дека зајакнувањето на енергетската отпорност и регионалното поврзување остануваат приоритети, при што соработката со партнерските земји, меѓу кои и Шведска, е важна за долгорочниот енергетски развој на државата.

Scroll to Top