Кели Кларксон во јавна расправија со продавница: „Ме гледаа како да не можам да си го дозволам тоа“

Кели Кларксон јавно ја обвини продавницата „Art of Play“ во Бруклин за потценувачки однос, откако се заинтересирала за механичка птица вредна 15.000 долари. Од продавницата ја оспоруваат нејзината верзија и тврдат дека станува збор за недоразбирање околу предмет што не бил на продажба.

Пејачката го сподели искуството на социјалната мрежа Икс, споредувајќи го со сцената од „Убава жена“ во која продавачка го потценува ликот на Џулија Робертс.

„Отидов дури до Бруклин за да посетам продавница што ми изгледаше навистина интересна. Имав неколку работи на ум што сакав да ги купам, а ме гледаа како да не можам да си ги дозволам“, напиша Кларксон.

Според неа, вработениот ѝ понудил да најде нешто слично, оставајќи ѝ впечаток дека ја проценува според изгледот. Таа додаде дека продавницата со таквиот однос изгубила значајна продажба.

Од „Art of Play“ одговорија дека механичката птица по име Моли е уникатен предмет, трајно прицврстен на ѕидот, кој не е на продажба.

Кларксон го оспори објаснувањето, тврдејќи дека видела ознака со цена и дека вработениот со потценувачки тон ѝ кажал оти предметот чини 15.000 долари.

„Значи, не само што сте нељубезни, туку и лажете“, возврати таа.

Пејачката нагласи дека ги поддржува малите бизниси, но дека тоа не го оправдува лошиот однос кон купувачите.

„Не е толку тешко да се биде љубезен. Никогаш јавно не прозивам луѓе, но ти беше исклучок“, порача Кларксон.

Во дополнително соопштение, продавницата наведе дека речиси идентична птица, во сопственост на нејзиниот автор, била достапна за 15.000 долари. Според нив, на Кларксон ѝ понудиле да погледне и друг механички модел од околу 2.000 долари, но таа заминала пред да ѝ го покажат.

„Директно стапивме во контакт со Кели за да се обидеме да го расчистиме недоразбирањето“, соопштија од продавницата.

Извор близок до пејачката изјавил за „Пејџ сикс“ дека ваквата јавна реакција е невообичаена за неа. Според него, Кларксон вообичаено е пристапна, ги третира луѓето со почит и не очекува посебен третман поради славата.

„Ако јавно прозива продавница, мора да била навистина лута. Нешто очигледно многу ја погодило, бидејќи тоа едноставно не е типично за неа“, навел изворот.

Во извештајот се наведува дека Кларксон сè уште не одговорила јавно на последното соопштение на продавницата.

Scroll to Top