Сталоне жали што сам ги изведувал опасните сцени: „Бев идиот, завршив со девет операции на грбот“

Силвестер Сталоне отворено проговори за последиците од долгогодишното снимање акциони филмови, признавајќи дека жали што многу од опасните сцени ги изведувал сам. Во интервју за „Фокс њуз диџитал“, актерот откри дека претрпел бројни повреди и операции, а болката и денес е дел од неговото секојдневие.

Ѕвездата на „Роки“, „Рамбо“ и „Талса кинг“ вели дека има „милиони причини за жалење“ кога ќе се наврати на ризиците што ги преземал пред камерите.

„Многупати сум бил повреден, но по ‘Платеници’ завршив со девет операции на грбот и три хируршки спојувања на пршлени во вратот. Имав тешки повреди на двете рамена, проблеми со окото… Беше брутално“, раскажа Сталоне.

Актерот призна дека по операциите никогаш не се чувствувал сосема како порано.

„Сега мора да се обидете да се помирите со болката колку што можете“, рече тој.

Најважната лекција што ја извлекол е дека опасните сцени треба да им се препуштат на професионалните каскадери.

„Оставете ги другите да си ја вршат работата. Знам дека многумина размислуваат сами да ги изведуваат каскадерските сцени. Немојте. Оставете го тоа на професионалците. Не можете да ја победите гравитацијата – кога ќе удрите во земјата, вие губите“, порача актерот.

На прашањето дали е горд на тие потфати, Сталоне одговори без двоумење:

„Не. Мислам дека бев идиот што го правев тоа. Зарем да бидам горд што се искршив на парчиња? Не.“

И покрај физичките последици, актерот и натаму наоѓа предизвик во работата. Зборувајќи за „Талса кинг“, објасни дека најмногу го привлекува тоа што неговиот лик, Двајт Манфреди, постојано се соочува со нови проблеми.

Токму кога ќе помисли дека ја постигнал целта, се појавува нова закана. Според Сталоне, притисокот од противниците и несогласувањата во сопствената екипа ја одржуваат приказната напната.

Актерот се осврна и на преселбата од Калифорнија во Флорида со сопругата Џенифер Флавин. Вели дека промената му донела повеќе мир и нова енергија.

„Кога дојдовме во Флорида, не познавав никого. Сега имаме прекрасен круг пријатели. Тоа беше најдобриот потег“, изјави Сталоне, додавајќи дека близината на природата и помирното секојдневие позитивно влијаеле врз него.

Scroll to Top