Внукот на Доли Партон ги оспорува обвинувањата за закани: Пораките биле извадени од контекст

Брајан Сивер, внукот и поранешен шеф на обезбедувањето на Доли Партон, ги отфрла обвинувањата дека испраќал заканувачки пораки до нејзините деловни соработници. Во нов судски поднесок тврди дека станувало збор за приватна комуникација поврзана со деловен спор, а не за намера физички да повреди некого.

Сивер признава дека користел навредлив јазик и зборувал за нарушување на деловните партнерства поврзани со брендот на пејачката. Сепак, инсистира дека неговите зборови се однесувале на деловните односи и репутацијата, а не на физичка пресметка.

Според неговата верзија, долгогодишниот менаџер на Партон, Дени Нозел, претходно го охрабрувал јавно да зборува за своето воено искуство и работата со оружје, а подоцна слични пораки ги претставил како доказ за заканувачко однесување.

Дел од несогласувањата, тврди Сивер, произлегле од неплатена сметка од околу 251.000 долари за услуги што неговата компанија за обезбедување ги извршила на имоти поврзани со Партон. Според него, сумата во меѓувреме била исплатена.

Во судската документација приложил и писмо од ноември 2024 година, во кое Партон ја препорачува неговата компанија за обезбедување на хотел и музеј. Во него таа го опишала неговиот тим како професионален и дискретен.

Од другата страна, компанијата „She’s Alive LLC“, која управува со деловните интереси и наследството на пејачката, тврди дека неговото однесување ги загрозило вработените и деловните односи. По раскинувањето на договорот за обезбедување во септември, компанијата побарала судска забрана против него.

Сивер ги оспорува и размерите на ограничувањата. Според неговите адвокати, барањето да остане на најмалку 1.000 стапки, односно околу 305 метри, од лица поврзани со компанијата би можело да му го отежне контактот и со членови на семејството вклучени во бизнисите на Партон.

Тој дополнително наведува дека медиумското внимание ја нарушило приватноста на неговото семејство, со посети на новинари во неговиот дом и контактирање на сопругата и децата.

Сивер бара судот да го одбие продолжувањето на привремената забрана. Следното рочиште е закажано за 20 октомври, а спротивставените тврдења остануваат предмет на судската постапка.

Scroll to Top