Придонесот на жените во земјоделството, зачувувањето на традиционалното производство и примената на современи технологии беа во фокусот на манифестацијата „Рурална жена – силата на Пелагонија“, на која денеска присуствуваше градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Настанот, организиран од здружението „Современо земјоделство“, преку панел-дискусии ги опфати можностите и предизвиците на дигиталното земјоделство, како и улогата на жените во модернизацијата на производството и развојот на руралните средини.
Во своето обраќање, Коњановски го истакна значењето на руралните жени за земјоделското производство и локалната економија. Посебно се осврна на нивната улога во зачувувањето и пренесувањето на знаењата и вештините наследени од мајките и бабите.
Тој нагласи дека традиционалните производи ја задржуваат својата посебна вредност и во време на дигитализација и примена на нови начини на работа. Според него, трудот и умешноста на жените се важен дел од таа вредност.
„Руралната жена е уникатна приказна во тој дел, каде само таа може да го направи она што денеска има посебна вредност, а тоа се производите подготвени од вредните раце и нејзината умешност“, истакна Коњановски.
Во рамките на манифестацијата беа доделени признанија на жени за нивниот придонес во развојот на агросекторот.






