Елен Картер (26) и нејзиниот свршеник Конор Гил (27) пронашле начин значително да ги намалат трошоците за патување: се грижат за туѓи домови и домашни миленици додека сопствениците се отсутни, а за возврат добиваат бесплатно сместување.
Во текот на шестгодишната врска посетиле 18 земји. Едно од нивните најповолни патувања било десетдневниот престој во Будимпешта, за кој, според нивното сведоштво, потрошиле само 200 британски фунти, односно околу 230 евра, вклучувајќи ги и авионските билети. Оваа сума се однесува на конкретното патување, а не на сите посетени земји.
Идејата ја испробале во 2022 година, кога Конор ја завршувал првата година од докторските студии, а Елен била при крај со магистерските. Со ограничен студентски буџет, барале можност да патуваат без големи издатоци за хотели и апартмани.
Нивното прво искуство било во близина на Биконсфилд, во англиската грофовија Бакингемшир, на само десетина минути од домот на мајката на Елен. Куќата имала сопствен шумски простор, домашно кино и сала за вежбање, а нивната задача била да се грижат за три западношкотски бели териери.
Неколку месеци подоцна заминале во Будимпешта, каде што престојувале во куќа со пет спални соби, голема градина и приватен базен.
„Будимпешта веројатно беше најлуксузното искуство што го имавме со чување куќа“, раскажала Елен.
За време на престојот се грижеле за кучето Чили, за кое силно се приврзале. Деновите ги организирале така што имале време и за неговите потреби и за истражување на градот.
Дополнително заштедувале со готвење во куќата, наместо секојдневно да јадат во ресторани. Токму бесплатниот престој и пристапот до кујна ги издвојуваат како најголеми предности на ваквиот начин на патување.
Нивните авантури не се ограничени само на луксузни домови. Меѓу искуствата што ги паметат е и глампингот во мароканската пустина Агафај, каде што уживале во изгрејсонцата и во ѕвезденото небо.
Сепак, Елен нагласува дека чувањето домови и миленици подразбира вистински обврски. Животните понекогаш имаат потреба од лекови или посебна нега, а двојката не може да отсуствува од куќата толку долго колку што би можела на обичен одмор.
За договарање на престојувањата ја користат платформата „HouseSit Match“, која ги поврзува сопствениците со луѓе подготвени да се грижат за нивните домови и животни.
Елен и Конор моментално живеат во Бразил, каде што тој има истражувачки ангажман, а таа привремено направила пауза од кариерата. Во ноември се надеваат на посета на Уругвај, а потоа планираат патување во Чиле, со разгледување на Патагонија и Сантијаго. На нивната листа се и Перу и амазонската прашума.





