Сопственик на куќа во Франкфурт доби судски спор против „Гугл“ поради објавувањето тридимензионални воздушни снимки од неговиот имот на „Гугл ерт“ и „Гугл мапс“. Судот оцени дека снимките, кои прикажуваат и делови скриени од погледите на минувачите, го нарушуваат неговото право на приватност.
Одлуката ја донесе Земскиот суд во Франкфурт, кој на компанијата ѝ забрани да ги објавува спорните снимки спротивно на волјата на сопственикот. Пресудата сè уште не е правосилна и може да биде обжалена.
Тужителот живее во куќата со своето семејство. Претходно веќе успеал да издејствува замаглување на снимките од домот на „Гугл стрит вју“ и на конкурентската услуга „Епл лук араунд“.
Новиот спор се однесувал на погледот од воздух. Според судот, снимките го откривале и задниот дел од имотот, кој не може да се види од улица.
Судиите нагласиле дека приватниот простор за повлекување не завршува на ѕидовите на куќата, туку го опфаќа и оградениот имот. Деталните снимки можат да откријат информации за начинот на живот, уредувањето на дворот и пристапите до објектот.
Судот го критикувал и начинот на прибирање на снимките, посочувајќи дека снимањето од голема височина не се најавува и најчесто останува незабележано од жителите. Поради тоа, тие немаат можност навреме да ги закријат приватните делови од имотот.
Не бил прифатен ниту аргументот на „Гугл“ за слободата на информирање. Судот оценил дека дигиталното истражување на светот и поширокиот пристап до знаење се легитимни цели, но во конкретниот случај не го оправдуваат навлегувањето во приватниот простор на сопственикот.
Одлуката се однесува на конкретниот имот и спорните снимки, особено на деловите што не се јавно видливи. Таа не претставува општа забрана за сите воздушни или сателитски снимки на услугите на „Гугл“.
Пресудата била изречена на 24 септември, а судот ја објави информацијата за неа на 20 октомври. Постапката може да продолжи пред Вишиот земски суд во Франкфурт доколку биде поднесена жалба.






