Татјана Стојановска ја продолжува телевизиската кариера во Алфа по 15 години поминати во Канал 5. Нов ангажман во телевизијата најави и Јанко Илковски, кој соопшти дека станува дел од „Колегиум“ на ТВ Алфа.
Стојановска го потврди преминувањето за „Женски магазин“, посочувајќи дека со радост го очекува следниот професионален предизвик.
„Се радувам на новото поглавје во мојата кариера и на можноста да бидам дел од тимот на Алфа ТВ, каде што заедно ќе работиме во интерес на гледачите и јавноста“, изјави таа.
Со долгогодишно искуство во информативната програма, Стојановска е едно од препознатливите лица на домашната телевизиска сцена. Пред ангажманот во Канал 5, кариерата ја градеше и во Македонската телевизија.
Речиси истовремено, Јанко Илковски преку објава на социјалната мрежа X го најави својот ангажман во Алфа, заблагодарувајќи се за поканата.
„Од денес сум дел од КОЛЕГИУМ на ТВ АЛФА. Благодарам за поканата“, напиша Илковски.
Со овие ангажмани, ТВ Алфа го проширува својот тим со две познати имиња од македонскиот медиумски простор.






