Унапредувањето на економската соработка, инфраструктурното поврзување и развојот на туризмот беа главните теми на средбата меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и новоименуваниот турски амбасадор Алпер Акташ.
Соговорниците ги разгледаа билатералните односи и можностите за продлабочување на партнерството, со посебен акцент на трговската размена, инвестициите и транспортната политика.
Николоски ги претстави развојните политики на Владата и плановите за подобрување на инфраструктурната поврзаност во регионот. Тој истакна дека Македонија нуди поволни услови за инвестирање, посочувајќи ја нејзината географска положба како предност за поврзување со пазарите во Централна Европа.
На средбата беше нагласено дека присуството на турските компании во земјава е важна основа за натамошно зајакнување на економските врски. Нивните инвестиции беа посочени како потврда за развиеното партнерство и за потенцијалот за нови деловни соработки.
Значаен дел од разговорите беше посветен и на туризмот. Соговорниците оценија дека постои простор за поттикнување на туристичките посети во двете насоки и за поблиско поврзување на граѓаните.
Николоски и Акташ ја потврдија важноста од продолжување на соработката во областите од заеднички интерес, со цел подобра поврзаност, нови инвестиции и натамошен развој на економските односи меѓу Македонија и Турција.





