Квалитетот на производите и доследното почитување на меѓународните стандарди се предуслов за компаниите да бидат конкурентни на странските пазари, порача Ангел Анѓушев, оперативен директор на „Грин машинс“ и член на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија.

На панел-дискусијата „Извоз без граници – поттикнување на растот во машинската и електроиндустријата“, одржана во рамките на „Енерготехнома 2026“, Анѓушев зборуваше за искуството на „БРАКО“ и „Грин машинс“ во работењето на меѓународните пазари.

„За воопшто да дојдеме до факторот цена, претходно мора да ги исполниме сите потребни процеси и стандарди“, рече Анѓушев.
Тој посочи дека исполнувањето на стандардите е првиот чекор, а предизвикот е да се одржи истиот квалитет во секојдневното производство. За натамошен раст на извозот, Анѓушев ги издвојува современите технологии, енергетската ефикасност и развојот на стручен кадар, за што е важна и соработката меѓу компаниите и универзитетите.






