Коњановски до критичарите со белите столици: Битола не се гради со седење, туку со работа

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, реагираше на герила-акцијата со бели столици поставени пред општинската зграда, на кои беа испишани имиња на проекти потребни за градот. Тој тврди дека дел од посочените проекти се завршени, дел се во тек, а за други се подготвува документација.

Според Коњановски, на столиците недостасувала важна информација – статусот на секој од проектите.

„Додека столиците се поставуваат за неколку минути и се наменети за седење, градот се гради со секојдневна работа“, наведе тој, потсетувајќи дека Општината неодамна објавила отчет за сработеното во изминатата година.

Градоначалникот посочи дека градинката „Пчеличка“ веќе згрижува деца, изградбата на градинката кај ОУ „Св. Климент Охридски“ е завршена, а на објектот во поранешната касарна интензивно се работи.

Тој наведе и дека е во тек реконструкцијата на објектот за новата училишна зграда во Буковски Ливади. Со развојната програма е предвидена реконструкција на градинката „Росица“ за подобрување на енергетската ефикасност, а најавена е и реконструкција на ОУ „Даме Груев“.

Коњановски истакна дека продолжува изградбата на новата противпожарна зграда. На булеварскиот влез во Битола од правец на Прилеп, како што рече, се работи на подземната инфраструктура, коловозите, тротоарите и велосипедските патеки. Тој потсети и на инфраструктурните зафати кај улицата „Довлеџик“, реализирани во неговиот прв мандат.

Во делот на спортската инфраструктура, градоначалникот ги издвои изградените игралишта и работите на четири нови училишни спортски сали. За затворениот базен наведе дека проектот, во соработка со Министерството за спорт, е доведен во напредна фаза.

За спортскиот комплекс, според неговото објаснување, деталниот урбанистички план е доставен на одобрување во Министерството за транспорт, додека паралелно се работи на инфраструктурниот и основните проекти. За катните гаражи, пак, се усогласува урбанистичката документација.

Осврнувајќи се на водоводот во Бистрица, Коњановски рече дека Општината работи на решавање на проблемите со водоснабдувањето во руралните средини, меѓу другото и со поддршка од меѓународни фондови. Тој го посочи и признанието „Младински пријателски град“ во Пелагонискиот регион за 2026 година.

Градоначалникот нагласи дека граѓаните оправдано очекуваат завршени и функционални проекти и дека локалната власт носи одговорност за нивната реализација.

„За секое задоцнување должиме објаснување, а за секоја преземена обврска – резултат и отчет за инвестираните средства“, порача Коњановски.

Според него, претставувањето на активните градилишта како заборавени ветувања создава погрешна слика за Битола и го потценува правото на граѓаните да бидат целосно информирани.

Scroll to Top