Николоски: Од 1 јануари онлајн игрите на среќа ќе ги приредува само државата, се ограничува и рекламирањето

Од 1 јануари онлајн игрите на среќа ќе може да ги приредува само државата преку Државната лотарија, а измените на законот предвидуваат и ограничувања за рекламирањето и за локациите на објектите, изјави вицепремиерот Александар Николоски на собраниската седница посветена на пратенички прашања.

Според Николоски, законските измени воведуваат ограничување од 500 метри од училиштата, како и повисоки давачки за приредувачите на игри на среќа. Тој очекува мерките да придонесат за намалување на бројот на објекти во кои се организираат вакви игри.

„Измените се состојат од два дела. Прво, се забранува сè што е во пропагандна цел, од рекламирање преку физички изглед на излози и така натаму, а втората е сериозна рестрикција на објекти каде што може да се приредуваат игри на среќа“, рече Николоски.

Тој посочи дека се зголемени и давачките што ги плаќаат организаторите, без разлика дали станува збор за надоместоци по апарат, лиценца или објект.

Државата единствен приредувач на онлајн и ВЛТ игри

Вицепремиерот нагласи дека фактичката примена на измените почнува од 1 јануари. Според неговото објаснување, државата преку еден правен субјект ќе биде единствен приредувач на онлајн игрите на среќа, а истиот принцип ќе важи и за игрите преку видеолотариски терминали, односно ВЛТ-апарати.

Николоски додаде дека по изборот на актуелната Влада биле укинати лиценците на три компании што требало да приредуваат онлајн игри на среќа.

Тој рече и дека е укината платформата „2WIN“, поврзана со видеолотариските терминали, и дека се води судска постапка против Артан Груби, Перпарим Бајрами и други обвинети.

Побара постапување од надлежните институции

Николоски истакна дека е потребна строга државна контрола за да се спречи нелегално организирање игри на среќа.

Во своето обраќање тој се осврна и на случај поврзан со Ива Михајлова, наведувајќи дека нејзиниот татко бил осуден во рамки на акцијата „Детонатор“, насочена против нелегалното приредување игри на среќа.

Вицепремиерот постави прашања и за можни врски меѓу одлуката на поранешниот претседател Стево Пендаровски да не го потпише претходниот закон за игри на среќа и изградба на зграда во Влае, поврзана со поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање Ерол Муслиу.

Николоски ги повика Обвинителството, Финансиската полиција и Финансиското разузнавање да ги проверат неговите наводи.

Scroll to Top