Проданоски: Ги завршивме средбите со урбаните заедници, буџетските консултации продолжуваат во населените места

Општина Прилеп ги заврши средбите со урбаните заедници во градот за подготовка на Буџетот за 2027 година. Градоначалникот Дејан Проданоски најави дека консултациите продолжуваат со жителите на населените места, со цел да се утврдат нивните потреби и приоритети за наредната година.

Последните средби се одржале со жителите на Чачорица, Корзо, Тапани, Центар – Библиотека, Центар – Општина, Цар Самоил, Бончејца, Варошко Маало, Рид, Гоце Делчев, Тризла 1, Тризла 2, Сточен пазар и Жабино Маало.

Според Проданоски, граѓаните изнеле бројни предлози, идеи и иницијативи, а на средбите заеднички биле утврдени проблемите и потребите за кои се неопходни конкретни активности.

Градоначалникот им се заблагодари на учесниците за придонесот во утврдувањето на приоритетите што треба да се земат предвид при планирањето на општинскиот буџет.

„Во следниот период консултациите ги продолжуваме со средби со месните заедници во населените места, со цел да ги слушнеме потребите на сите граѓани и заеднички да креираме буџет кој ќе одговори на реалните приоритети“, порача Проданоски.

Тој ги повика граѓаните и понатаму да ги споделуваат своите предлози и активно да учествуваат во планирањето на развојот на општината.

Scroll to Top