Македонија нуди конкурентни услови за инвестирање, поволна даночна политика и можности за трговија со европскиот пазар, порача вицепремиерот Александар Николоски на средба со претставници на Јапонската организација за надворешна трговија – ЈЕТРО.
Претставувајќи ги можностите за вложување во земјава, Николоски се осврна на економските показатели, растот на градежништвото и индустријата, како и на трговските договори и достапноста на обучена работна сила.
Тој оцени дека Македонија нуди најдобри и најконкурентни услови за инвестирање во регионот. Според него, земјата во услови на глобална криза успева да одржи стабилен економски раст.
„Во однос на бруто домашниот производ, многу ми е драго што релевантни финансиски институции како ММФ и Светска банка двапати ги корегираа своите предвидувања и очекувам годинава да ја завршиме со раст од 3,8 проценти на БДП“, рече Николоски.
Вицепремиерот наведе дека во изминатите две години има стабилен раст на бруто домашниот производ и позитивни движења во индустриското производство, додека градежништвото бележи раст во 11 последователни квартали. Тој рече и дека просечната инфлација се движи околу 3 проценти, оценувајќи ја како најниска во регионот на Југоисточна Европа.
Даночната политика и трговските договори пред јапонските претставници
Николоски на средбата истакна дека Македонија има ниски даночни стапки, посочувајќи ги персоналниот данок на доход и данокот на добивка од по 10 проценти. Тој наведе и дека реинвестираната добивка не се оданочува.
Како предности за инвеститорите ги посочи обучената работна сила и дуалното образование, како и трговските врски со други земји.
Според вицепремиерот, Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, кандидатскиот статус и почетокот на преговорите придонесуваат за олеснета трговија со земјите членки на Унијата.
Тој се осврна и на членството во ЦЕФТА и договорот за слободна трговија со ЕФТА, како и на договорите за стратешко партнерство со Велика Британија, Турција, Унгарија и САД.
Николоски изрази очекување дека односите меѓу Македонија и Јапонија ќе продолжат да се продлабочуваат преку поголема трговска размена, инвестиции и други форми на економска соработка.
ЈЕТРО е јапонска владина организација што ја поттикнува меѓународната трговија, инвестициите и деловната соработка меѓу Јапонија и другите земји.






