Џенифер Лопез откри дека уште како мало девојче знаела дека сака да пее, да танцува и да глуми, а за нејзиниот сон особено придонел еден филм што семејството го гледало секоја година за Денот на благодарноста.
Станува збор за мјузиклот „West Side Story“ од 1961 година, кој светската ѕвезда го гледала додека растела во Бронкс, Њујорк. За споменот од детството таа зборувала на 15 ноември, на средба со публиката и актерката Рејчел Зеглер, организирана по повод нејзиниот концертен филм „The JLo Show: Live in Las Vegas“.
„Секој Ден на благодарноста чекавме да го дадат ‘West Side Story’. Навистина ме инспирираше да го правам она што го сакав – да пеам, да танцувам и да глумам“, рекла Лопез, пренесува американското списание „Пипл“.
Пејачката раскажала дека не се сеќава кога првпат го погледнала филмот, но претпоставува дека имала четири или пет години. Во тоа време, како што се присетила, доколку некој филм не се гледал во кино, требало да се почека неговото прикажување на телевизија.
„West Side Story“ е филмска адаптација на истоимениот бродвејски мјузикл. Во него настапуваат Натали Вуд и Рита Морено, а приказната за младата љубов и ривалските банди во Њујорк освоила десет „Оскари“, меѓу кои и наградата за најдобар филм.
Разговорот со Лопез го водела Рејчел Зеглер, која ја играше Марија во поновата филмска адаптација на мјузиклот од 2021 година.
Лопез се осврнала и на почетоците на својата кариера, кога, според неа, веќе не било вообичаено еден уметник подеднакво да се занимава со музика, танц и глума. Таа подоцна изгради кариера во повеќе области, а меѓу нејзините познати филмски улоги се оние во „Selena“ и „Hustlers“.
Нејзиниот нов концертен филм ги обединува музиката, танцот и сценскиот настап. „The JLo Show: Live in Las Vegas“ го прикажува последниот концерт од нејзините настапи во Лас Вегас, снимен на 28 март во салата „Колосеум“ во „Сизарс палас“.
Во програмата се вклучени и точки инспирирани од мјузикли, меѓу кои и „West Side Story“. Премиерата е закажана за 26 ноември во САД, на телевизијата Си-би-ес и платформата „Парамаунт+“.






