Под кожата на „морските прасиња“ се крие необичен свет: Јапонски научници открија непозната бактерија

Длабоко на океанското дно живеат мали, желатинести суштества познати како „морски прасиња“, а јапонски научници сега открија дека под површината на нивното тело се крие необична бактерија. Таа има многу мал геном, но голем дел од него е посветен на создавање протеини чија улога сè уште не е целосно разјаснета.

Откритието отвора нови прашања за животот во една од најнепристапните средини на Земјата: студеното и темно океанско дно, каде што притисокот е огромен, а истражувањето бара специјална опрема.

И покрај името, морските прасиња немаат врска со прасињата што живеат на копно. Тие се вид морски краставици, со меко тело и цевчести ножиња со кои полека се движат по дното.

Можат да пораснат до околу 15 сантиметри, а се хранат со органски остатоци наталожени во морскиот седимент. Понекогаш се собираат во големи групи, вклучително и во области каде што на дното се распаѓаат остатоци од китови.

Токму под надворешниот слој на нивното тело, истражувачите пронашле бактерија за која предлагаат нов род и вид, со привременото научно име Candidatus Abyssoplasma scotoplanesicola.

Што откриле научниците?

Во истражувањето учествувале научници од повеќе јапонски институции, меѓу кои и Универзитетот во Токио. Тие анализирале ДНК од ткива на морски прасиња собрани за време на истражувачки експедиции.

Со помош на флуоресцентно снимање, научниците потоа утврдиле каде се наоѓа бактеријата во ткивото на животните. Резултатите покажале дека таа е присутна блиску до надворешниот дел на телесниот ѕид.

Според универзитетот, при анализата на примероци од три вида морски прасиња, бактеријата била доминантна во испитуваната заедница бактерии во телесниот ѕид.

Особено внимание привлекол нејзиниот геном – збирот на генетските информации што ги носи организмот. Тој содржи околу 649.000 бази и е приближно седумпати помал од геномот на бактеријата ешерихија коли.

Иако геномот е мал, научниците утврдиле дека 27,6 проценти од него отпаѓаат на гени поврзани со групи протеини за кои се претпоставува дека се наоѓаат на површината на бактеријата. Меѓу нив има и исклучително долги протеини.

Нејасно е што добива домаќинот

Според истражувачите, бактеријата веројатно се потпира на ткивото на морското прасе за дел од хранливите материи што ѝ се потребни за живот. Причината е што во нејзиниот мал геном недостигаат гени за повеќе процеси што кај други бактерии учествуваат во создавањето енергија.

Но, засега не е познато дали и што добива морското прасе од оваа врска. Научниците ја разгледуваат можноста бактеријата да има некаква заштитна улога, но тоа допрва треба да се испита.

Нејасна останува и точната задача на необично големите протеини. Една од можностите е тие да им помагаат на бактериите да се поврзат меѓусебно или со ткивото на домаќинот.

Истражувањето, објавено на 11 ноември во списанието „ISME Host Microbe“, дава нов увид во односите меѓу длабокоморските животни и микроорганизмите што живеат во нивна близина. Воедно покажува колку прашања за животот на океанското дно сè уште остануваат отворени.

Scroll to Top