Научниците открија необичен сјај кај мексикански бодликави прасиња: Се појавува под ултравиолетова светлина

Мексиканските влакнести џуџести бодликави прасиња можат да светат во зеленикави и синкави нијанси кога се осветлени со ултравиолетова светлина, покажува истражување на научници од Мексико. Појавата била забележана кај сите 20 живи единки опфатени со испитувањето, но засега не е познато дали има некаква улога во нивниот живот.

Станува збор за видот Coendou mexicanus – ноќно животно што живее на дрвја и може да се сретне од централниот дел на Мексико до Панама.

Необичната појава научниците првично ја забележале во 2024 година, за време на ветеринарна проценка на две женки спасени во мексиканскиот град Четумал.

Кога животните биле осветлени со ултравиолетова ламба, истражувачите забележале сјај на нивните тела. Потоа решиле подетално да испитаат дали истото се јавува и кај други единки од видот.

Што всушност значи дека животните „светат“?

Појавата се нарекува фотолуминисценција. Таа се случува кога одреден материјал или ткиво впива светлина со пократка бранова должина, а потоа емитува светлина со подолга бранова должина што може да ја видиме како боја.

Тоа не значи дека бодликавите прасиња сами создаваат светлина во темнината. Сјајот бил забележан кога истражувачите ги осветлувале со ултравиолетова ламба.

Најизразена реакција покажала главата, додека на грбот, нозете и опашката биле забележани зеленикаво-сини нијанси.

Кај свежо собраните боцки, деловите што на дневна светлина изгледале жолти под ултравиолетова светлина имале зелена боја, додека кафеавите врвови изгледале сини.

Истражувачите испитале 20 возрасни животни – 17 женки и три мажјаци – под ветеринарен надзор и со одобрение од надлежните служби. Кај сите била забележана фотолуминисценција.

Резултатите се објавени во научното списание „Neotropical Biology and Conservation“, а преглед на истражувањето пренесува и научниот портал „Физ.орг“.

Дали откритието може да помогне во заштитата?

Тимот испитал и два музејски примерока што биле зачувани повеќе од десет години. Кај нив сјајот бил многу послаб отколку кај живите животни.

Истражувачите претпоставуваат дека промените во материјалот на боцките со текот на времето можат да бидат една од причините за разликата.

Потоа направиле и теренска проверка: во текот на 2024 година организирале 12 ноќни обиколки по траса долга околу еден километар. Притоа забележале 20 појавувања на бодликави прасиња, чии боцки и стапала полесно се издвојувале од околината под ултравиолетовата светлина. Бројот на забележувања не мора да значи и 20 различни животни.

Бидејќи овој вид е активен ноќе и престојува на дрвјата, истражувачите сметаат дека ваквиот пристап би можел да помогне при идни набљудувања и пребројувања.

Засега останува отворено прашањето зошто се појавува сјајот и дали им служи на самите животни. Една од можностите што авторите предлагаат да се испита е дали тој има улога во меѓусебното препознавање, но за тоа се потребни дополнителни истражувања.

Scroll to Top