Антички беше претесен да ги собере фановите: Сергеј Ќетковиќ ја отвори душата под ѕвезденото небо над Охрид

Вчеравечер во Античкиот театар во Охрид илјадници гласови се споија во еден, додека Сергеј Ќетковиќ – црногорскиот романтичар, човекот со најтоплиот глас на Балканот – стоеше на сцената, опкружен со бескрајна енергија што не попушташе до самиот крај.

Сцената беше мала за големината на емоцијата, а Антички буквално беше претесен да ги собере сите што сакаа да бидат дел од оваа магична ноќ – дел од приказната што се пишуваше со срце и душа. Со секоја песна публиката пееше сè погласно, сè поблиску – толку блиску што речиси не му дозволија да замине. „Уште, уште…!“ одекнуваше од камените трибини.

Уште со првите акорди сè беше јасно, зашто хитовите на Сергеј звучеа како никогаш досега, а на изведбата што гали Битолскиот камерен оркестар ѝ даде дополнителна димензија на секоја нота.

Врв на вечерта беше кога Сергеј слезе во публиката, а и ги отпеа „Лихнида“ и „Тајно моја“. Ќетковиќ не само што покажа почит, туку ја спои црногорската со македонската душа – низ музика, низ љубов.

„Вакво нешто ретко се доживува, пресреќен сум што по двата скопски концерти луѓето од Евентум продукција ме донесоа во Охрид. Ова е навистина уникатно доживување и би сакал да се повтори“, рече Сергеј по концертот.

Античкиот театар уште долго ќе ги памети звуците на најубавите балади на Сергеј, а Охрид уште подолго ќе ги носи тие чувства. Ова не беше обичен концерт. Ова беше ноќ кога музиката ги стопли срцата.

Scroll to Top