Аца Лукас побара од Цеца да ги отстрани нивните заеднички хитови од „Јутјуб“

Српскиот пејач Аца Лукас побарал од Цеца Ражнатовиќ да ги отстрани нивните дуети од нејзиниот официјален канал на „Јутјуб“ бидејќи само таа ја имала заработка од прегледите.

Според српските медиуми, менаџерот на Лукас, Саша Мирковиќ, испратил писмо до пејачите да ги отстранат сите дуети што ги имаат со пејачот од „Јутјуб“. Причината, како што наведува, е што не е фер да заработуваат од прегледи, а пејачот да нема ништо од тоа.

Такво барање добила и Светлана (Цеца) Ражнатовиќ, а нејзиниот тим веднаш ги отстранил песните „Црни снег“ и „Не заносим се ја“ од каналот „Цеца мјузик“, пишуваат српските медиуми.

На ваквото барање на Лукас, наводно, пејачката била непријатно изненадена бидејќи повеќе од 20 години тие се пријатели.

Аца Лукас за медиумите потврди дека дуетите со Цеца се симнати бидејќи никој не може да има песна со него на нивниот канал на „Јутјуб“ без да плати ништо.

„Јас учествував во реализацијата на сите тие песни, придонесов да се слушаат, а само другите имаа заработка. Па баба ми нема ништо бесплатно, а ни јас. Пејачите не може да го користат моето име, без да платат што било“, изјавил Лукас за српски „Информер“ и додал дека сепак ќе ѝ дозволи на Цеца да ги задржи заедничките дуети на нејзиниот канал.

„Не бев за тргање на нашите дуети бидејќи Цеца е нешто друго, пред сè, моја пријателка. Работиме на враќање на дуетите на нејзиниот канал на Јутјуб“, рекол Лукас.

Scroll to Top