Турскиот актер Толга Ортанџил (30) пред неколку недели дојде во Скопје за да ја снима серијата „Балканска приспивна песна“. Првпат е во Македонија, иако дедо му е роден во Струмица. Барајќи подобар живот, дедо му со семејството пред многу години се преселил во Измир, каде што е роден Толга. Но во интервју за „Репортер“, тој вели дека корените отсекогаш го влечеле да дојде во земјата на неговите предци.
„Среќен сум што сум конечно во Македонија. Земјата веднаш ми се допадна. Скопје е многу сладок град. Луѓето се многу пријатни и храната е добра. Се чувствувам како да сум дома. Поради дедо ми мислам дека во крвта носам дел од Македонија, каде и да сум“, вели Толга.
„Балканска приспивна пресна“ веќе неколку месеци се снима во Скопје, за откако почна да се прикажува на телевизијата ТРТ во Турција, за кратко време стана хит. Ирфан, ликот што го глуми Толга, се појавува во деветтата епизода.
„Имам голема улога, бидејќи го глумам еден од најстарите пријатели на главниот машки лик. Ирфан пораснал во Скопје, но се преселил во Истанбул да студира архитектура. По завршувањето на студиите се враќа дома. Тука е и девојката во која е заљубен, ама таа љубов е невозможна, затоа што таа сака друг. Очекувам да има драма во неговата љубовна приказна како што ќе се развива серијата“, ни откри Толга.
Во разговорот ни кажа дека глуми од 11 години и дека отсекогаш ја сакал оваа професија.
„Откога знам за себе ја сакам глумата. Знаеш, бев асоцијален додека бев мал. Цело време гледав телевизија или одев во театар со моето семејство. Кога тие видоа дека ме интересира глумата, ме запишаа на часови по глума во градскиот театар. Оттогаш поминаа речиси дваесет години. Бог ми помогна да си го остварам сонот. Имав шанса да работам и со големи имиња на важни проекти“, вели актерот.
Низ годините глумел во многу телевизиски серии, Животот в рака, Изет Каптан и неговиот син, Убавиот селанец, Приказната за летото, Севда на крилото на птицата, Големи, големи лаги и сега Балканска приспивна песна (Elde Var Hayat, İzzet Kaptan ve Oğlu, Güzel Köylü, Yaz’ın Öyküsü, Sevda Kuşun Kanadında, Koca Koca Yalanlar и сега Balkan Ninnisi).
Освен што глуми, Толга во моментов пишува и роман.
„Тоа е научнофантастична приказна. Обожавам да читам книги и да пишувам нови приказни. А Македонија ми го овозможува тоа. Тука нема конфузија, само мир. Македонците имаат енергија што ми се допаѓа, слична е на мојата. Мислам дека затоа толку добро се прилагодив тука и среќен сум со мојот живот во Скопје,“ додаде тој.
Андријана Јовановска